Почна одбележувањето на Европските денови

Деновиве почна онлајн одбележувањето на Европските денови на културното наследство во нашата земја. Темата што ќе биде во фокусот на активностите оваа година е „Културното наследство и училиштата“.
Во повеќе европски земји, од почетокот на септември, активностите во рамките на оваа манифестација се реализираат во електронска форма, со поставување електронски изложби, виртуелни тури низ музеи, настани на Фејсбук и на Зум, видеопрезентации и други содржини на социјалните мрежи.
И во Македонија неколку музеи веќе се приклучија кон оваа иницијатива за приближување на културното наследство до пошироката публика, преку презентација на дел од своите музејски содржини по електронски пат. Во текот на септември, Музејот на Македонија редовно презентираше дел од своите колекции на Фејсбук и на Инстаграм. Поставени се и фотографии и текст за дрвени садови – „Ведра, коблиња и качиња“, а денеска ќе биде презентирана темата „Машка градска модна облека – а ла франга“.

Археолошкиот музеј на социјалните мрежи го постави каталогот од изложбата „Праисториските дами од Македонија“ на кустосот советник, археолог Ирена Колишткоска Настева. Изложбата во повеќе наврати беше презентирана кај нас и во светот. Каталогот е веќе испратен до сите училишта во земјата и учениците ќе можат да го видат онлајн.
Музејот на современата уметност учествува во онлајн одбележувањето со виртуелна тура низ изложбата „Скопје, одново“, реализирана со куратор од МоМА од Њујорк и со ликовни дела од збирката на музејот.
За триесет предмети од својата колекција, Заводот и музеј Битола има подготвено аудионарација за приказната на предметот и видео на знаковен јазик. Овие записи се поставени на веб-страницата на музејот, на Јутјуб и на социјалните мрежи.

Национална галерија на Македонија се вклучува во манифестацијата со поставување видео од ликовниот конкурс „Го сакам мојот роден крај“, реализиран онлајн со деца од дијаспората, во текот на летото. Центарот за научни истражувања и промоција на културата ХАЕМУС на својата веб-страница ја постави изложбата „Светата планина на Скопје“. Преку галерии на фотографии и едукативни видеа, ќе може да се погледне огромното архитектонско и уметничко богатство на Скопска Црна Гора.
Централниот дел на манифестацијата ќе биде реализиран во периодот од 1 до 7 октомври, кога повеќе музеи ќе организираат отворања на изложби, едукативни активности и други настани, со физичко присуство на посетителите.