Македонскиот филм „Господата од современа“ во европска програма

Филмот „Господата од современа“, во режија на Ана Алексовска, во продукција на „Лист продукција“, е селектиран на годинашното издание на програмата „Д цејнинг фејс оф Јуроп“, иницијатива на ЕФП (Европска филмска промоција), во соработка со канадскиот фестивал за документарни филмови „Хот докс“. Десетте селектирани проекти ќе бидат дел и од виртуелната програма на „Хот докс индастри“, што ќе се одржи за време на оригиналните датуми на фестивалот сè до 31 мај, а фестивалските кинопроекции во моментот се суспендирани и се очекува да бидат презакажани.

„Господата од современа“ е дел од програмата составена од 10 извонредни европски документарни филмови, кои нудат единствен и неконвенционален увид во реалноста на современиот европски живот. Филмовите ќе бидат претставени пред дистрибутерите и програмерите преку учеството во „Док шоп“ – виртуелниот маркет на „Хот докс“, кој нуди пристап до курирани листи на наслови на документарни филмови. Меѓу другото, авторите на 10-те избрани филмови се поканети да учествуваат и во новата програма за дигитална индустрија, а ќе добијат можност и да остварат средба со дистрибутери и селектори на филмски фестивали преку виртуелни индивидуални состаноци, во организација на ЕФП.

Филмовите, кои се дел од програмата, беа селектирани од страна на фестивалот врз основа на препораки на организациите членки на ЕФП, кои ги претставуваат институциите за промоција на филмови во Европа, конкретно во нашата земја тоа е Агенцијата за филм. Селекцијата е составена од филмови што нудат уникатни перспективи, привлечни приказни и современи теми што имаат намера да го остават својот белег во светот на документарниот филм.

Оваа година селекцијата повторно бележи зголемено присуство на жени автори; дури седум од десетте филма се од жени автори или од тимови од жени автори, меѓу кои и македонскиот „Господата од современа“.
Оваа иницијатива е поддржана од страна на програмата „Креативна Европа – медија“ на Европската Унија и од организациите членки во мрежата.