Комедијата „Кец на десетка“ во продукција на Македонскиот народен театар на 24 октомври ќе биде изведена на меѓународниот фестивал на хуморот и сатирата „Ин Виница веритас“, кој се одржува во Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница.

Во комедијата „Кец на десетка“ играат: Александар Микиќ (Таткото Доксе), Тања Кочовска (Мајката Грациела), Нина Деан (Ќерката Ана) и Ивица Димитријевиќ (Тоше). Премиерата на претставата „Кец на десетка“ според текстот на Митко Бојаџиски, a во режија на Драган Спасов―Дац и Јордан Симонов се одржа на 17 ноември 2017 година.

„Кец на десетка“ е комедија со спонтан и природен хумор што брзо ја освојува и лесно комуницира со публиката. Текстот на претставата има едноставна мисија – да ја воведе публиката во ситуацијата на едно сосема нормално семејство кое ќе се собере за да се запознае со идниот зет. Во желбата секој од семејството да остави максимален впечаток и да го покаже најдоброто од себе работите тргнуваат во поинаков правец.

Претставата трае 75 минути, а можете да ја погледнете и на репертоарот на Македонскиот народен театар.