Македонскиот народен театар почна со санација на проодната тераса која се наоѓа на северноисточниот дел од првиот кат на објектот – Кон музејот на Холокаустот.

Од МНТ велат дека се работи за зафат со кој ќе се надминат проблемите наследени од самото отворање на театарот, како и натамошното руинирање на објектот.

Во изминатите години при обилни дождови беа предизвикувани материјални штети од протекување од терасата во главното фоаје.

– Искрено се радуваме што есенскиот дел од сезоната ќе го започнеме во безбеден и саниран објект. Во очекување на позитивни вести околу пандемијата од ковид-19, ние се подготвуваме повторно за полн салон, со широк репертоар – соопштија од МНТ.

Средствата, во износ од 1.200.000 денари се во рамките на Годишната програма за 2021 година на Министерството за култура.