„ЗЏМ биг бендот“ на Здружението на џез-музичари на Македонија ќе настапи в недела, во 20 часот, со еден од најголемите светски џез-пејачи на сите времиња Курт Елинг, во рамките на 12-то издание на „Загреб џез-фестивал“.
– Курт Елинг е годинешниот добитник на „греми“ и доаѓа во „Лисински“! Угледните критичари и читатели на угледни списанија, како што се „Даун бит“ и „Џез тајмс“, постојано го ставаат на самиот врв на топ-листите на најдобрите џез-пејачи. Тој е осумкратен добитник на наградата на Здружението на џез-новинари за најдобар џез-пејач и наградата „Били Холидеј“ на Париската џез-академија. Оваа година ја освои втората награда „греми“ за албумот „Secrets are the Best Stories“. Овој виртуозен пејач, кого „Џез тајмс“ го класифицира како „кралска линија на вокали од Луис Армстронг преку Марк Марфи“, го красат музикалност и одлична техника на богат баритон, со кој пее низ четири октави – пишуваат од „Загреб џез-фестивал“.
Од „ЗЏМ биг бендот“ велат дека овој настап е од големо значење за нив.
– Сметам дека со нашата работа станавме препознатливи во Македонија и во регионот. Впрочем, зад нас се веќе шест години успешна работа, како работа и настапи со „Биг бенд оркестарот“, така и одржување на фестивалот „Денес сѐ е за џезот“, на кој во изминатите години настапија голем број домашни и странски групи, реномирани имиња од областа на џезот, како и млади талентирани луѓе што се на почетокот од градењето успешни кариери.

Поканата за настап на „ЗЏМ биг бендот“ на „Загрепскиот џез-фестивал“ стигна по препорака на господинот Оливер Белопета, по што следуваа другите разговори со организаторот на „Загрепскиот џез-фестивал“, Дражен Кокановиќ. Имено, концертот со Курт Елинг е од огромно значење за „Биг бендот“ на ЗЏМ. Овој настап доаѓа како потврда за квалитетот на овој исклучителен музички состав, кој е составен од најистакнатите музичари кај нас, уметници што своите кариери ги граделе со години пред формирањето на „Биг бендот“. Верувам дека в недела, во Загреб, во салата „Ватрослав Лисински“, Курт Елинг и „ЗЏМ биг бендот“ ќе приредат концерт за паметење – ни изјави Гоце Стевковски, претседател на „ЗЏМ биг бендот“.
По враќањето од Загреб, бендот продолжува со концерт на музика од Френк Запа, кој ќе се одржи на 1 декември, во салата на Македонска филхармонија, под диригенство на австрискиот диригент, маестро Зиги Фајгл, кој веќе добро ѝ е познат и на македонската публика.