Споменик на македонскиот драмски писател Горан Стефановски, ќе биде подигнат во Дебар Маало, соопштија од Општина Центар, откако советниците донесоа одлука по иницијатива на Македонската академија на науките и уметностите.

Спомен обележјето ќе биде поставено на триаголниот парк во Дебар Маало, спроти ресторанот „Идадија“.

Општината соопшти дека заедно со семејството на Стефановски и со МАНУ ќе подигне спомен-обележје во вид на дрво и скулптура кое ќе ги потсетува центарци, скопјани и сите почитувачи на неговото дело. Дебар Маало е и местото на кое познатиот драматург му посвети и дел од својот книжевен опус.

Стефановски е автор на легендарните и популарни драми „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на најславната ТВ-серија во историјата на македонската продукција „Бушава азбука“, со која генерации деца научија да пишуваат и читаат.

Горан Стефановски (1952-2018) почина по кратко боледување на 66 години во Кентербери, Велика Британија. За дописен член на МАНУ беше избран во 2004 година, а беше и долгогодишен член на Македонскиот ПЕН Центар. Стефановски беше професор на Факултетот за драмски уметности и од 2000 година – професор на Универзитетот во Кент, Англија.