Македонското културно здружение „Стоби“ од Сплит, Хрватска, викендов ќе реализира културно-уметничка турнеја во Штип и Скопје, со програмата „Фестивал на литературата и музиката СМОШ 2019“. Овој нивен проект има за цел преку уметноста да го промовира мултикултурното образование и демократскиот развој преку поврзување на двата пријателски народи и држави Хрватска и Македонија.

Во рамките на програмата ќе бидат застапени македонски и хрватски традиционални песни во изведба на квартетот „Клинци Мандолинци“ кој работи веќе шест години во рамки на МКУ „Стоби“ Сплит, под водство на професорката Ивана Кенк Калебиќ. Квартетот го сочинуваат: Никола Митревски – мандолина, Мате Кошутник – мандолина, Бригита Бановиќ – мандолончело и Горана Клишкиќ – гитара. Во литературниот дел од програмата ќе се претстават – во Штип книжевниците Трајче Кацаров и Долорес Кашуба од хрватско-македонското културно друштво „Либертас“ од Штип, а во програмата во Скопје припадници на хрватското национално малцинство од Скопје – ученици во училиштето за хрватски јазик.

Настапот во Штип е закажан за петок, 22 ноември, со почеток во 18 часот во градската библиотека „Гоце Делчев“, а скопскиот е ден подоцна, в сабота, во Домот на културата „Кочо Рацин“, со почеток во 18.30 часот.