На 23 август (понеделник), во 23 часот, во Куршумли ан во рамките на фестивалот за документарни филмови „Македокс“ – Скопје, премиера ќе има долгометражниот документарен филм „Сава“. Филмот е копродукција меѓу „Сава филмс“ (Англија) и „Ортак филмс“ (Македонија).

„Сава“ е документарен патувачки филм по течението на реката од 990 километри низ земјите на поранешна Југославија. Во траење од 74 минути, сниман е на локации низ Словенија, Хрватска, Босна и Србија. Филмот ги истражува комплексните односи помеѓу луѓето, кои живеат по должината на реката Сава и нивните видувања за природата, идентитетот и националното припаѓање.

Режисер и продуцент на филмот е Метју Сомервил од Велика Британија, монтажата е на Горјан Атанасов од Македонија, сниматели се Ден Мекрам и Метју Сомервил. Во овој филм реката има глас и во улога на наратор е ѕвездата на југословенскиот филм и светски позната актерка Мира Фурлан. Музиката е на Робин Шлохтермајер.

Ова е прв долгометражен документарен филм на режисерот Сомервил, која има завршено документарна фотографија на Универзитетот Фалмаут во Лондон.

Филмот неодамна имаше светска премиера на фестивалот „Докуфест“ во Призрен, а беше прикажан и на Сараевскиот филмски фестивал. Инспирацијата за оваа приказна режисерот ја наоѓа во самите луѓе, кои живеат покрај течението на најдолгата река во некогашна Југославија, која, и покрај тоа што границите се поместени, сè уште ги поврзува луѓето. Сомервил го соединува неговото неколкугодишно истражување за историјата, политичкиот и социјалниот живот на овие народи во самиот филм, сакајќи да ни покаже како природата е поголема од која било нација.

Во март оваа година филмот беше финиширан во Скопје, а постпродукцијата во Лондон во април.