Во најновиот, мајски број на книжевниот весник „Литературнаја газета“, орган на Сојузот на руските писатели, објавен е избор од македонската поезија во препев на Олга Панкина, поетеса и раководител на Македонскиот културен центар во Москва.

Во изборот е претставена генерацијата што на литературната сцена во Македонија доаѓа во 70-те и 80-те години на минатиот век, објавени се стихови од Ефтим Клетников, Веле Смилевски, Санде Стојчевски, Ристо Лазаров, Раде Силјан, Катица Ќулавкова, Славе Ѓорѓо Димоски, Вера Чејковска, Милош Линдро, Бранко Цветкоски, Весна Ацевска и Братислав Ташковски.

Во воведниот текст на изборот се пишува за Македонија како лулка на словенската писменост, а за современата македонска поезија се подвлекува дека таа е богата и разновидна со тематските и стилските специфики.

– Нејзините класици Кочо Рацин, Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Гане Тодоровски и Матеја Матевски се доволно познати во Русија. Доаѓа време на руските читатели да им претставиме дел од творештвото на генерацијата која е преведувана во светот, високо оценета и наградувана со државни и меѓународни признанија – наведено е во воведот на изборот од македонската поезија објавен во „Литературнаја газета“.

„Литературнаја газета“ е книжевен весник со најдолга и најзначајна традиција во Русија. Списанието е основано во 1830 година од Алесандар Сергеевич Пушкин, а обновено во 1929 година по предлог на Максим Горки.

„Литературнаја газета“ е неделник на чии страници се објавуваат прилози на книжевни, културни и општествени теми, со посебен блок на преводна литература во кој е презентиран најновиот избор од современата македонска поезија.