Изложба на графики на македонската уметница Шќипе Мехмети е отворена во Риека, Хрватска, во рамките на манифестацијата „Европска културна престолнина за 2020 година“. Изложбата е резултат на културната соработка на ЈУ дом на културата „Кочо Рацин“ од Скопје и македонското друштво „Илинден“ од Риека.

Мехмети во изминатите години има учество во голем број проекти во организација на домот на културата „Кочо Рацин“, а изложбата беше отворена во рамките на одбележувањето на 29-годишнината од постоењето на друштвото „Илинден“ од Риека.
Куратор на изложбата е Виолета Калиќ, а освртот во каталогот кон изложбата е на Конча Пирковска.

Шќипе Мехмети е родена во 1981 година, Кичево, Македонија. Во 2004 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а во 2007 година магистрира на истиот факултет, на одделот графика. Од 2000 година, учествувала во повеќе од 50 групни изложби во Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Бугарија, Романија, Полска, Германија, Италија, Шпанија, Турција, Египет, Чешка, Литванија и во Франција. Самостојни изложби имала во Њујорк, Нирнберг, Приштина (2015); Висби, Скопје (2014); Берлин, Приштина, Скопје (2012); Скопје (2011); Нови Пазар (2010); Скопје (2009); Њујорк (2008); Париз, Скопје, Кичево (2007).

Добитничка е на повеќе награди, меѓу кои: наградата „Адем Кастрати“ за графика, Културно-информативниот центар – Скопје (2015); наградата „Вангел Koџоман“ на изложбата „Сликарство во мал формат“, КИЦ – Скопје (2011); наградата од НУБ „Св. Климент Охридски“ на изложбата на ДЛУМ-графика, Скопје (2007); наградата „Драгутин Аврамовски-Гуте“ за графика мал формат, ДЛУМ, Скопје (2005).