Денеска и утре македонската стрип-сцена ќе биде претставена во Србија. На изложбата „Македонски стрип“, која во галеријата при Центарот за култура во Ваљево ќе биде отворена вечерва, во 19 часот, посетителите ќе имаат можност да го погледнат најновото македонско стрип-творештво. Изложбата е дел од официјалната програма на третиот „Ваљевски стрип-фестивал“. На неа со свои дела ќе бидат застапени: Лазар Ангелков, Тоде Блажевски, Мирко Бојаџијевски, Јана Бутеска, Васил Гаврилов, Јорданчо Давидовски, Катерина Николовска-Тери и др. Селектор на македонските стрипови е Томе Трајков, координатор на Стрип-центарот на Македонија и на Меѓународниот салон на стрип во Велес.

– Избрани се стрипови од разни генерации, меѓу кои и на прерано починатиот бард на македонскиот стрип Љупчо Филипов. Доминираат стрипови од актуелните македонски автори што изложувале на Меѓународниот стрип-салон во Велес и во магазинот „Креатор“, единственото постојано стрип-издание кај нас – вели Трајков.

Ова е едно од ретките групни организирани претставување на македонската стрип-сцена надвор од државните граници. Последен пат македонскиот стрип гостуваше во странство во 2013 година, кога во Лесковац, на Балканската смотра на млади стрип-автори, беше поставена изложбата насловена „Македонскиот стрип денес“.