Професорот Маринко Шлакески, магистер на драматургија и дипломиран професор по англиски јазик, кој предава драмска уметност и англиски јазик во прилепската гимназија, деновиве ја објави книгата „Драми“. Збирката содржи пет драмски текста што обединуваат подолг временски период.
Драмата „Од животот на мојот сосед“ е добитник на повеќе награди, изведувана е и преведена на повеќе јазици, објавена во списанието,,Сцена“ во Нови Сад. „Бегство“ е магистерски труд на авторот. Третиот драмски текст во збирката е насловен „Државна болница“, потоа „Лора“ е драма поставувана на повеќе јазици. Текстот е селектиран за учество на меѓународен фестивал за современ драмски текст во Њујорк, САД. „Три писма“ е одиграна на англиски јазик на театарски фестивал во Грција, каде што е и наградена.

Според авторот, македонските театри треба да се грижат за домашното творештво.
– Секоја сериозна култура треба да се грижи за своите автори и нивните забележани, особено меѓународно афирмирани трудови, кои придонесуваат кон таквите атрибути, особено давајќи ѝ белег на нивната посебност – вели Шлакески.
Освен како автор, тој е познат и како режисер на повеќе драмски текстови. Ги работи драматизацијата, режијата и сценографијата на музичката драма „,Богородичната црква во Париз“, изведена пред две години во МНТ, по повод Меѓународниот месец на франкофонијата, откако претходно беше изведена на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.