По паузата од една година, Агенцијата за филм повторно е присутна на физичкото издание на филмскиот маркет во Кан каде со свој промотивен штанд континуирано врши промоција и презентација на македонската кинематографија во рамки на павилјонот на земјите од југоисточна Европа.

Оваа година присуството на македонскиот филм на маркетот ќе биде во поголем фокус од страна на меѓународните филмски професионалци особено поради фактот што оваа година за првпат имаме и филм во официјална селекција – краткометражниот филм „Северен пол“ на Марија Апчевска, во продукција на Кино око, а поддржан од Агенцијата за филм.

„Северен Пол” во трка за најдобар краткометражен игран филм

Најновиот краткометражен филм на Марија Апчевска својата светска премиера ќе ја има на 16 јули, во 11 часот во салата „Дебиси“. На проекцијата ќе присуствува и дел од екипата на филмот а за оваа пригода Агенцијата за филм организира и коктел забава (15 јули) на која ќе бидат поканети соработници и претставници од европската и светската филмска индустрија присутни на Канскиот филмски фестивал. Ова е огромен успех за македонскиот филм и голем исчекор во неговото позиционирање на меѓународната филмска мапа. Овој успех на продуцентот и целокупната филмска екипа Агенцијата за филм го честита и преку официјална честитка во престижниот филмски магазин „Вараети“ (во печатеното дневно издание на магазинот на 10 јули).

Македонски филмови на филмскиот маркет

Во рамките на Филмскиот маркет ќе имаме проекции на два филма, „Снежана на крајот умира” на Кристијан Ристески, кој ќе биде прикажан на 9 јули во 11.30 часот, во Палаис Ф. Во истата киносала своја маркет проекција ќе има и филмот „Денот на жената“ на Гоце Цветановски, на 11 јули во 11.30 часот.

На маркетот (6 – 15 јули), Агенцијата за филм на Македонија, како и секоја година досега, ги презентира најновите филмови кои се во пост продукција или се завршени, најновите каталози во кои се претставени сите нови филмски проекти реализирани во 2020 и 2021 година и филмови кои се во фаза на реализација, како и мерката за право на поврат на средства за снимање на странски продукции. Сите присутни на Филмскиот маркет кои ќе го посетат павилијонот, а се заинтересирани за потенцијални идни соработки и иницијативи ќе имаат можност да остварат состаноци со претставници од Агенцијата. Покрај промотивниот штанд Агенцијата за филм ќе биде присутна и на онлајн платформата на маркетот каде сите оние кои не се во можност да присуствуваат на физичкото издание на маркетот ќе имаат можност да ги проследат сите активности и информации преку виртуелната платформа.

74-то издание на филмскиот фестивал во Кан ќе трае од 6 до 17 јули, а ќе го отвори францускиот филм „Анет” на Леос Каракс.

Џоди Фостер, Мет Дејмон, Стив МекКвин се меѓу гостите говорници на ова издание на фестивалот. Главната ѕвезда на овој дел од програмата се уште не е откриена.