Националните координаторки на организацијата на меѓународниот фестивал на поезија и уметност „Крикот на жената“ во Македонија, поетесите Оливера Доцевска и Елена Пренџова, со поддршка на организацијата „Јустиција“, одлучија оваа година фестивалот да се одржи онлајн

Во саботата традиционално, по петти пат, се одржа меѓународниот фестивал на поезија и уметност „Крикот на жената“. Овој фестивал претставува светски синџир на настани одржувани во текот на март каде што поети и поетеси, уметници и организации од различни земји волонтираат во чест на правата на жените и испраќаат пораки на самодоверба, почит и зајакнување на гласот против насилството врз жените. Секоја година фестивалот има свое мото, а годинава меѓународното мото на фестивалот е „Кој крикнува за вас сирачињата од фемициди“?
До лани, континуирано, фестивалот се организираше во повеќе од 50 земји во светот, со повеќе од 600 успешни координирани настани, но оваа година Македонија е единствената земја во светот што ќе ја продолжи традицијата и ќе го одржи настанот, бидејќи другите земји ги откажаа своите настани поради пандемијата. Националните координаторки на организацијата на фестивалот во Македонија, поетесите Оливера Доцевска и Елена Пренџова, со поддршка на организацијата „Јустиција“, одлучија оваа година фестивалот да се одржи онлајн.

– Одлучивме да ги искористиме бенефициите на компјутерите и интернетот, бидејќи токму современите информациско-технички можности ни овозможуваат фестивалот да биде подостапен и за учеснички и учесници, а и за публика. Поради тоа одлучивме оваа година да поканиме уметници од сите видови уметности од целиот свет. Тие ги претставија своите дела преку видеа, кои беа објавени на Јутјуб. Линкот беше пуштен на социјалните мрежи на 28 март, во 12 часот напладне. Оттогаш, линкот постојано е достапен за јавноста – истакна Пренџова.
Според неа, „Крикот на жената“ е фестивал што има цел да ја издигне свеста за борбата против насилството врз жените и за правата на жените, па, во контекст на тоа, мотото на нашиот национален фестивал отсекогаш било „20 дена по 8 Март и шчо напраифме“.

– Затоа сакам да потсетам дека жените – мајки, ќерки, сестри, снаи – се оние што најчесто се грижат за болните членови и членки на потесното и поширокото семејство и многупати се принудени да ги ставаат туѓите потреби пред своите. Во таквите случи секогаш трпи здравјето на сите засегнати страни. Во име на општото добро и здравјето на човековиот род, апелирам совесност во постапките и следење на препораките за да придонесеме сите да може многу скоро повторно животите да ни течат нормално – вели Пренџова.

Оваа година настапија координаторката на фестивалот на светско ниво Џаел Урибе и пејачката Адолфина Нава од Доминиканската Република; слемерот Симоне Саво, поетесата Пина Тучи и кантавторот Анџело Торкиа од Италија; поетот Куеи Шиен Ли од Тајван; слемерката и актерка Бејли Касл од САД; поетесата Тониа Пасола од Каталонија, Шпанија, и поетот Густаво Вега Мансила од Шпанија; поетот Кристиан Кожељ од Словенија; перформерката и поетеса Лучила Трапацо од Швајцарија и поетот Дашамир Мало од Албанија, а учеснички и учесници од Македонија се: изведувачкото дуо Мики Јаневски и Симона Атанасовска, поетесата Марина Икономова Шокева, уметникот Миро Масин, поп-пејачката Мијата, уметничкото дуо Емилија и Стојче Тоциновски, поетесата Даница Ивановска Лепојевиќ, уметникот и графички дизајнер Владо Фиданоски, акварелистката и уметница Симонида Филипова Китановска, музичарот Мартин Цветковски ака Диџеј Орб, модната дизајнерка Сара Реџиќ и уметницата Гордана Винчиќ.