Со еден филм во официјалната натпреварувачка програма, со четири најнови остварувања што ќе бидат прикажани на филмскиот маркет, како и со неколку значајни промотивни активности, македонската кинематографија ќе биде дел од случувањата на 71-то издание на престижниот Кански филмски фестивал. Деветти пат Македонија ќе учествува на филмскиот маркет во Кан со свој промотивен штанд во рамките на Павилјонот на земјите од Југоисточна Европа, заедно со уште седум земји од регионот: Србија, Црна Гора, Словенија, Хрватска, Бугарија, Босна и Херцеговина, како и Кипар.

Во официјална фестивалска конкуренција ќе се прикаже филмот „Дивата круша“ во режија на Нури Билге Џејлан (копродукција меѓу Турција, Македонија, Франција, Германија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Шведска). Фестивалската проекција е закажана за 18 мај. На филмскиот маркет на 14 мај ќе се прикажат два најнови филма, и тоа „Хепинес ефект“ во режија на Борјан Зафировски и „Дедо и внук“ во режија на Илија Пиперковски. На маркетот за краткометражни филмови ќе учествуваат „Една“ во режија на Вук Митевски и „Готлиб“ во режија на Крсте Господиновски.

– Филмот е најсилниот културен медиум и затоа сметаме дека неговата видливост на најзначајните филмски смотри во светот треба да биде максимално искористена за достојна презентација. Во изминатиов период активно работевме да подготвиме модерна и атрактивна промоција на македонскиот филм во Кан. Селекцијата на филм со македонско малцинско учество во главната конкуренција, е голем успех, но и другите проекции на филмскиот маркет не се помалку значајни. Иднината на малите кинематографии е во копродукциските проекти, а меѓу силната конкуренција во светот можеме да парираме само со добро организирана промоција за која годинава особено се потрудивме и внесовме многу новини – велат од агенцијата.