Метин Ченгиз, лауреат на медитеранската академија од Струга

Управниот одбор на медитеранската академија „Браќа Миладиновци‘‘ од Струга донесе одлука годинашен лауреат на 13-та меѓународна литературна манифестација „Година на есејот“ да му се додели на современиот турски есеист, писател и теоретичар Метин Ченгиз од Истанбул. Раководителот на оваа манифестација, писателот Разме Кумбароски, најавува дека манифестацијата ќе се одржи од 3 до 5 јуни, со учество на повеќе есеисти и писатели од Австрија, Албанија, Бугарија, Италија, Романија, Србија, Хрватска, Турција и Македонија. Манифестацијата се одржува по повод 158-годишнината од излегувањето на Зборникот на браќата Миладиновци во Загреб (1861 г.).

Метин Ченгиз е современ турски писател, роден во 1953 година во Голе, Турција. Во Истанбул дипломирал на Филолошкиот факултет, група француски јазик и литература. Работел повеќе години во издавачки куќи, како редактор, преведувач и уредник. Во 2005 година ја формира својата издавачка куќа „Диграф‘‘, каде што особено го негува и застапува есејот. Работел како колумнист на престижниот истанбулски весник „Варлик“. Член е на турскиот ПЕН-центар, како и на повеќе академии во светот. Преведен е на дваесетина јазици.

– Тој е хуманитарец и неговите внатрешни чувства се обединуваат со демократската слобода и вознесот на човекот. Посебна почит негува кон современата македонска литература, голем истражувач е на делото и јазикот на македонскиот гениј Блаже Конески. Вознесен е од македонскиот 19 век, од животниот пат и страдањата на браќата Миладиновци, на охридскиот песнопеец Григор Ставре Прличев, Кузман Шапкарев и други македонски трибуни и дејци – вели Кумбароски.

Самиот Ченгиз вели дека Струга и Македонија ги чувствува преродено, раскошно, слично како широките орелски крилја на Константин Миладинов, кои треба високо да полетаат. Турскиот критичар Јусел Кејран посебно подвлекува дека Ченгиз е единствениот потврден турски есеист и писател што придонесува како никој друг од својата генерација во изградување, примена и соѕидување на новата есеистичка реинкарнација и посед во современата турска литература, дека е незаменлив есеист и писател.

Метин Ченгиз е автор на книгите: „Потопот пост“, „Големата љубов“, „Замбак“, „Младински век“, „Песни на слободата“, „Слики од мојот дом“ и др. Добитник е на меѓународната награда „Тудор Аргези“.

Манифестацијата „Година не есејот“ годинава ќе почне со перформансот „Арс лонга – вита бревис“, на свеченото отворање на 4 јуни, во 20 часот, во хотелот „Дрим“ во Струга. На литературниот портрет за Ченгиз ќе говори турскиот писател од Истанбул Ерол Туфан. Ќе биде прочитана неговата порака до граѓаните на Струга и членовите на медитеранската академија. Предвидено е полагање цвеќе на спомениците на браќата Миладиновци и на Јосип Јурај Штросмаер во Спомен-домот на браќата Миладиновци, каде што ќе биде промовирана новата книга, романот „Студ“ на Разме Кумбароски, како и други книги. Третиот ден ќе се одржи тркалезната маса на тема „Есејот како послание“ (по книгата на македонскиот гениј Блаже Конески). Во Охрид ќе се одржат ноктурното „Ноќ за есејот‘‘ и средба со издавачи од Балканот.