По доделувањето на наградите на 26 август завршија проекциите на документарни филмови во Парк МКЦ и во летното кино на Кинотеката, но 11. Македокс продолжи онлајн со мото „Македокс насекаде“.
Хибридното издание на фестивалот отвори можност филмовите да се гледаат не само за време на физичкиот фестивал (19-26 август) со проекции под отворено небо, туку и по доделувањето на наградите, преку онлајн изданието на фестивалот, што трае до 20 септември.
На тој начин документарниот филм станува достапен на територијата на целата држава со регистрирање на следниот линк.
Во програмата се сместени 60 долгометражни, кратки и студентски документарни филмови, како и програмата за деца.
Како потсетување, онлајн може да се гледаат и филмовите што ги добија наградите на годинашното издание на „Македокс“, како „Епицентро“ на Хуберт Саупер, добитник на наградата „Кромид“ за филмови од главната програма, „Тунел“ на Нино Орјокиниџе и Вано Арсенишвили, добитник на наградата „Млад кромид“, документарниот филм „Зборувај за да те видам“ на Марија Стојниќ, која доби Специјално признание за своето „храбро, сонично и експериментално патување на еден медиум што полека изумира во светот“, краткиот „Фантастичните“ на Маија Блефилд од Финска, кој ја освои наградата „Сечкан кромид“, студентскиот филм „Ќе доплови Рекс“ на Јосип Лукиќ, кој ја освои наградата „Кокарче“, како и филмот што ја освои наградата за најдобри етички идеи „Акаша, мојот дом“ на Раду Чорнициу.
Фестивалот „Македокс“ е поддржан од програмата МЕДИА на Креативна Европа, Институт „Јунус Емре“, Амбасада на Кралството Холандија, Град Скопје, Амбасадата на Република Чешка во Софија. Пријатели на фестивалот се Музеј на РСМ и Археолошкиот музеј.
Коорганизатори на 11. Македокс се МКЦ и Кинотека на РСМ. Партнери на „Македокс“ се „Петра Пан филм продукција“ и „Кино Култура“.