Многу паметно е искористен и врвниот технички потенцијал на сцената на МНТ, но не во смисла на некои мегаломански сценски решенија, како во некои други претстави на истата сцена, туку целосно функционално, во создавање на не претерано динамична, туку на суптилна филмска атмосфера во која гледачот комплетно е вовлечен, што дури и трите часа, колку што трае претставата, минуваат речиси како миг

Кога на сцена ќе поставите еден од најдобрите автори на британската современа драма, каков што е Мартин Мекдона, познат на пошироката јавност и по своите филмови „Во Бриж“, „Седум психопати“ и „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“, награден со „златен глобус“ и номиниран за „оскар“, кога на поставката работи еден од најзначајните бугарски и современи европски театарски режисери, каков што е Јавор Грдев, а во исклучителниот кастинг го имате и Никола Ристановски, еден од најуспешните и најталентирани македонски актери, кој може да се пофали со регионална и европска репутација – тогаш резултатот не може да изостане. Овој пат резултат на таа соработка е одличната претстава „Бесачи“, која на сцената на МНТ, во преполна сала ја доживеа својата премиера и прва реприза.

Текстот „Бесачи“ првпат се поставува пред домашната публика и е вистинско освежување во низата претстави на класиците на репертоарот во домашните театри. Иако темата на претставата – смртната казна – можеби денес и не е толку во фокусот на јавноста, сепак, е и повеќе од актуелна затоа што човечките инстинкти и импулси за насилство продолжуваат да го водат и да го владеат човековиот дух. Оваа црна комедија, крајно духовита и сурово реалистична во исто време, е занимлива за домашната публика пред сѐ поради специфичноста на жанрот, театарски правец на презентирање бесрамно агресивни, вулгарни или провокативни текстови.

Бугарскиот режисер Јавор Грдев, на кој ова му е прва соработка со МНТ, за оние што не се запознаени со неговата работа, има и филмско искуство, па тоа лесно може да се забележи во создавањето филмска атмосфера на сцената, за што впрочем е сосема податливо и самото сценарио. Грдев, што е најважно, успева да извлече максимум од актерскиот ансамбл (Никола Ристановски, Кире Ѓоревски, Јордан Симонов, Владо Јовановски, Камка Тоциновски, Дарја Ризова, Благој Веселинов, Ѓорѓи Јолевски, Славиша Кајевски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Александар Михајловски, Нелко Нелковски, Трајче Ѓоргиев), кој успешно се носи со тежината на текстот. Женскиот дел од екипата (Ризова и Тоциновски) ја разведрува на некој начин оваа „глутница насилни мажи“, Ризова којзнае по кој пат се потврдува како вонредно талентирана актерка, а Тоциновски, која не е често присутна на театарската сцена, верно го пренесува психолошкиот профил на Алис, горделива газдарица на пабот во кој безделничат локални пијаници.

Носечката улога во „Бесачи“ ја има секогаш врвниот Ристановски, кој е маестрален во улогата на Хари, егзекуторот што штотуку ја загубил професијата и останал без работа откако е укината смртната казнa, за да се задоволи со барменската работа во семејниот паб, некаде на северот на Англија („северњачките“ алузии измамуваат горчлива смеа кај публиката). Тој уверливо ги пренесува моралните дилеми, кога воопшто ги има, околу тоа што е зло, кога тоа зло е оправдано, и дали во етичка смисла злото може воопшто да се оправда со некакви аргументи, како на пример тој дека „бесењето е најдостоинствениот начин да се изврши смртна казна?!“. Публиката, судејќи по реакциите, очигледно ужива да го гледа Ристановски на сцена, кој иако е доста ангажиран надвор, не нѐ лишува од задоволството редовно да го гледаме дома („Животот е прекрасен“, „Животот на Молиер“, „Еден месец на село“, „Галеб“, претходно „Мајсторот и Маргарита“…)

Она што остава посебен впечаток во претставата „Бесачи“ секако е богатиот визуелно-симболичен приказ, за кој се задолжени сценографот Никола Тороманов и костимографката Свила Величкова. Многу паметно е искористен врвниот технички потенцијал на сцената на МНТ, но не во смисла на некои мегаломански сценски решенија, како во некои други претстави на истата сцена, туку целосно функционално, во создавање на не претерано динамична, туку на суптилна филмска атмосфера во која гледачот комплетно е вовлечен, што дури и трите часа, колку што трае претставата, минуваат речиси како миг.