Кристијан Каровски

Пијанистот Кристијан Каровски ќе одржи концертен рецитал во големата сала на Филхармонија в четврток во 20 часот. На концертот насловен „Магијата на Шопен“ ќе бидат изведени дела од еден од големиот романтичар и пијанист – Фредерик Шопен.

Кристијан Каровски е роден во Скопје, во семејство на музичари-пијанисти. Уште од најмала возраст доаѓа до израз неговиот голем и невообичаен талент за музика. Како
особено талентирано дете, своето музичко образование го започнува во класата на проф. Људмила Романова, а го заокружува на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф.Борис Романов, каде дипломира и магистрира со највисоки
оценки и почест „Cum laude“.

Неговата концертна дејност започнува на 9-годишна возраст со изведба на сериозни дела од литературата за пијано. Добитник е на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари. Кристијан Каровски израснува во пијанист со
врвни професионални перформанси и изразита индивидуалност. Покрај многубројните солистички концерти настапува и со Симфониски оркестри со концерти од железниот
пијанистички репертоар (В.А.Моцарт, П.И.Чајковски, Е.Григ, К.Сен Санс, С.Рахманинов, С.Прокофјев, Џ.Гершвин…).

Сите негови концертни настапи се одликуваат со зрелост и оргиналност во музичкиот израз. Во повеќегодишната педагошка дејност Каровски се афирмира како истакнат пијано педагог. Неговите студенти покажуваат извонредни резултати на државни и меѓународни натпревари (на кои се лауреати и освојувачи на награди) и претставувања на солистички концерти и настапи со Македонската Филхармонија. Паралелно со педагошката дејност Каровски одржува солистички концерти за кои е карактеристично што секој од нив има нова програма. Во моментов е вонреден професор на катедрата по пијано на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје.