Посети го музејот

Како важен административен центар со над триесет различни пазари, сместен на важната магистрала што ги поврзувала Егејско и Јонско Море, низ Битола минувала најразлична стока наменета за домашните и за странските пазари. Магазите што постоеле во тоа време, а ги имало неколку на број, претставувале вистинско сврталиште за секој трговец што ја носел својата стока во Битола.
Низ портите на битолската Магаза поминувале и се растоварале, изложувале и продавале најразлични производи наменети не само за локалните пазари туку и за поголемите европски пазари.
Оваа е една од многубројните магази што постоеле во Битола од средината на 19 век. Тука се преговарала и договарала цената на производите, се надвикувало и доверливо се шепотело. Секој поединечен звук на дневниот џагор се врежал во овој споменик.
Овој објект денес е претворен во уметничка галерија, во која се поставуваат голем број изложби од најразличен вид и карактер, каде што се одржуваат литературни читања, камерни концерти и други културни манифестации.
Објектот е сместен во центарот на Битола, на плоштадот „Магнолија“. Отворен е во периоди кога во него е поставена некоја изложба или, пак, се одржува некаква манифестација.