По повод сто години од раѓањето на Блаже Конески, ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, на 10 јуни, ќе организира лирско мементо „Поетите за Конески“. На средбата посветена на неговата голема поезија, македонски поети ќе читаат негова поезија и сопствена поезија и ќе зборуваат за големото дело на основоположникот на современата македонска поезија.
Настанот ќе започне во 19 часот и ќе се одржи во „Паркот на поезијата“ на библиотеката, со почитување на пропишаните мерки за одржување културни настани на отворено. На лирското мементо за Конески ќе настапат: Михаил Ренџов, Гордана Михаилова-Бошнакоска, Зоран Анчевски, Виолета Танчева-Златева, Наташа Сарџоска, Снежана Стојчевска и Билјана Стојановска.