Амина е муслиманка што живее со својата ќерка, 15-годишната Марија. Кога Амина дознава дека Марија е бремена и сака да абортира, тие се соочуваат со невозможна ситуација во земја каде што абортусот е законски и морално осуден.
Махамат-Салех Харун, кој наедно е режисер и сценарист на филмот, прикажува одлично дело за мајка чија љубов кон својата ќерка ја предизвикува да го смени курсот и да започне да ги надминува социјалните и верските табуа.
Ситуацијата всушност го прикажува болното минато на Амина, која и самата била тинејџерка мајка, отфрлена од нејзиното семејство и омаловажувана од општеството. Кога Марија ѝ соопштува дека сака абортус, постапка што е строго забранета со нивните закони, односно следува казна од 15 години за лекарот, како и религиска казна, Амина одлучува суптилно да преземе акција, да тропне на секоја врата и да го промени сопствениот поглед кон светот.
Филмот дава прекрасен портрет на жена што храбро ја зема судбината на ќерка си во своја рака, но и истражување на земја во која жените си помагаат едни со други зад затворени врати.
„Лингви“, кој е снимен во 2021 година и е во времетраење од 87 минути, е копродукција на Франција, Германија, Белгија и на Чад. Филмот годинава беше во официјалната натпреварувачка програма на Канскиот филмски фестивал.