Битола подготвена ги пречекува младите ликовни творци на 37. издание на „Малиот Монмарт“ што ќе трае од 23 до 30 мај.

Повеќе од 110 гости од 16 земји во светот, во најголем дел деца, наставници и родители, пристигнуваат денеска и утре во Битола. Повеќе од 2.000 награди, дипломи и плакети, рекламен материјал, маички и капи со логото на „Монмартр“ ги чекаат младите уметници.

„Битолскиот Монмартр“ по традиција ќе почне во среда, односно утревечер, во 21 часот, со отворањето на 36. Светска изложба во објектот во Старата битолска чаршија. Годинава Светската изложба влезе за првпат во програмата на Министерството за култура како културна манифестација од посебно значење за Република Македонија.

– Битола во наредните седум дена ќе биде еден од најголемите детски ликовни центри за младите таленти од светот. Битола ќе биде оаза на млади ликовни творци. Таква светлина и толку голема афирмација е реткост во светот. Годинава на конкурсот учествуваа 38 земји од светот, испратија 12 илјади цртежи. Уште порадосен сум што светската изложба по 15 години лобирање го добива заслуженото значење и влегува во програмата на Министерството за култура како културна манифестација од посебно значење за државата – рече творецот на „Малиот битолски Монмартр“, Коста Хаџиантоновски (83) на вчерашната прес-конференција.

Екипата од Москва, Русија, пристигна во градот да учествува и да твори на тема Стара битолска архитектура. Многу од објектите во центарот на Битола, вклучувајќи ја и Старата чаршија, пропаѓаат оставени на забот на времето, но гостите тие згради ќе ги оживеат со цртежи на младите уметници. Годинава е новина што учесниците ќе цртаат на платно со акрил. Гостите на Монмартр, в недела, на 27 мај, ќе творат и во Охрид.

– Тука доаѓаме години наназад. Само јас доаѓам 15 години по ред. Радоста не е само за тоа што сме тука, туку што од учеството на оваа манифестација имаме и многу поголема полза – рече наставникот по уметност од Москва, Всеволод Руманков.

За првпат Хаџиантоновски кажа дека е задоволен од добиената помош од Министерството за култура и од Општина Битола. Околу 700.000 денари годинава „Малиот Монмарт“ доби од Министерството за култура за Светската изложба, за „Монмартр и караванот“, за изложбата „Бисерите на Монмарт“ и секако пари од УНЕСКО за дела што биле испратени на меѓународни конкурси.

– Јас сум задоволен од финансиската конструкција, четири проекти влегоа во програмата на Министерството за кулура. И градот ни помага и ќе ни помогне доколку имаме проблеми со финансирањето, зашто досега 11 години ја немавме поддршката од Општината – рече Хаџиантоновски.

Центарот на Битола и особено старата чаршија се украсени со знамињата на „Монмартр“, манифестација што со години е примамлива не само за битолчани, туку и за странски туристи кои со љубопитство ги следат младите творци додека сликаат.

М.М.