Овој роман на забележителен начин ги обработува и семејните односи, особено тешката положба на жената во состав на патријархалното општество, во кое да се биде паметна жена, значи секогаш да се биде во опасност

Хрватскиот „Нови лист“ за романот „Но -Уи“

Хрватскиот „Нови лист“ деновиве објави одлична критика за романот „Но-Уи“ на македонската писателка Лидија Димковска, која живее и работи во Словенија. По „Скриена камера“ и „Резервен живот“, „Но-Уи“ е нејзин трет роман. Димковска (1971, Скопје) досега објавила шест поетски збирки и три романи. За својата поезија ги има добиено германската награда „Хуберт Бурда“, романските награди за литература „Поесис“ и „Тудор Аргези“ и европската награда за поезија „Петру Крду“. Била номинирана и за германската награда „Берлински мост“, за американската „Најдобра препеана книга“ и за полската „Европски поет на слободата“. За романите двапати ја добила наградата „Стале Попов“ на ДПМ, како и наградата за книжевност на Европската Унија.

– Насловот на новиот роман на македонската писателка Лидија Димковска, всушност, е своевидна игра на зборови. Имено, француските зборови за „не“ (non) и „да“ (oui) се искористени во романот за создавање на прекарот на неговата главнa јунакиња, сплитската девојка Недељка Јагњиќ, која сите ја викаат, се разбира, Неда, а нејзиниот професор по француски си поиграл со тоа име и ѝ го создал прекарот Но Уи. За жал, таа младешка лелеавост на прекарот од училишните денови е меѓу ретките весели и разиграни детали од животот на Неда, кој започнува во Сплит, во 1926 година, а завршува деведесетина години подоцна во сицилиското гратче Кастеламаре дел Голфо, каде што по сопствена желба е погребана под стебло од портокал во градината на семејната куќа – пишува „Нови лист“, осврнувајќи се на почетокот на рецензијата на содржината на романот.

Според објавениот текст, овој роман на забележителен начин ги обработува и семејните односи, особено тешката положба на жената во состав на патријархалното општество, во кое да се биде паметна жена, значи секогаш да се биде во опасност.
– Сепак, во најголема мера, „Но – Уи“ е роман за трагедијата на неприпаѓањето, за болката и тагата што го следат животот надвор од рамката на татковината од која си неделив дел. Неда, и покрај сета љубов од Карло, никогаш не се привикна на животот на Сицилија, во местенцето „во кое никој не отвора прозорци“ и сите живеат во страв од насилниците мафијаши. За жал, среќа за неа немаше ни во нејзиниот љубен Сплит и саканата Хрватска, па (пре)често ја следат тага и незадоволство, бидејќи сфаќа дека во туѓиот свет живее без своите луѓе и својот јазик, а и да се врати не би можела да биде среќна бидејќи судирите со братот се премногу силни.

Димковска го изградила романот на своевидни имагинарни дијалози на бабата и внуката. Обично приказната тргнува така што внуката констатира некои факти и ќе раскаже одредени детали, а потоа се вклучува бабата, која ѝ „раскажува“ на својата внука што и како се случило. Таквиот начин на комбинирање на реалното и личното, фактичкото и лирското ѝ овозможува на авторката разновидност и заинтересираност, односно придонесува за повеќеслојноста на ликот на Неда Јагњиќ, јунакињата, која со својата уверливост привлекува внимание и го привлекува вниманието на читателите – стои во критиката во „Нови лист“.