Лидија Димковска

Познатата македонска поетеса Лидија Димковска е добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ што се доделува од страна на Струшките вечери на поезијата за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија. Димковска е добитничка на наградата за нејзината поетска збирка „Гранична состојба“ во издание на ИЛИ-ИЛИ.

Жири комисијата во состав: Сашо Огненовски, Искра Гешоска, Атанас Вангелов, Весна Мојсова Чепишевска и Лулзим Хазири после прочитот на сите 33 пристигнати книги направи првична селекција и во потесен круг влегоа збирките:

1. „Потпис: трепетлика“ – Ана Стојановска (Три)
2. „Големата прегратка“ – Павлина Атанасова (ПНВ Публикации)
3. „Гранична состојба“ – Лидија Димковска (Или-Или)
4. „Девет преобразби во чудната шума“ – Пандалф Вулкански (Темплум)
5. „Сватови на песната“ – Даут Даути (Матица Македонска)

Жири комисијата од овие пет поетски збирки во потесен круг ја одбра најдобрата која е носител на овогодинешната награда „Браќа Миладиновци. Наспроти нималку лесната задача од пристигнатите книги да се одберат пет што ќе влезат во потесен избор и за кои одлучуваа нијанси, одлуката на жири комисијата за наградената збирка „Гранична состојба“ беше едногласна и недвосмислена.

– „Гранична состојба“ е поетска книга која предупредува насочувајќи ги нашите погледи кон средиштето на отворените рани на светот. Овие стихови, остри како сечила ни ги отвораат актуелните политички и социјални крварења, ни ги предочуваат сите недоумици и несреќни одлуки, не опсипуваат со глетки од историските страдања кои, за жал не донеле никаков наук и на ововременските воени и политички лудила. Лидија Димковска со мудроста на своите стихови предупредува на вриежот на валканата крв, на една неминовност чија бучава не заглушува и навестува татнеж после чија смртна тишина ќе се отвори амбисот на ништоста. Стиховите во „Гранична состојба“ се меко отворање на кортексот на еден ум што мора да се преобрази ако сакаме нашата духовна егзистенција да изроди нова стратегија за опстанок и нова патека кон совршенството – се вели во образложението за одлуката.

Лидија Димковска (1971, Скопје, Македонија) е поетеса, романописец и преведувачка од романски и словенечки на македонски јазик. Докторирала Романска литература на Универзитетот во Букурешт, Романија, каде предавала македонски јазик и литература. Живее во Љубљана, Словенија и преведува романска и словенечка литература на македонски јазик.

Објавила шест поетски збирки на својот мајчин, македонски јазик: „Рожби од Исток“, „Огнот на буквите“, „Изгризани нокти“, „Нобел против Нобел“, „пХ неутрална за животот и смртта“ и „Црно на бело“, три романи „Скриена камера“, „Резервен живот“ и „Но-Уи“, еден американски дневник „Отаде Л.“ и една збирка куси раскази „Кога заминав од Карл Либкнехт“. Нејзините книги се преведени на петнаесет јазици (англиски, германски, полски, унгарски, словачки, чешки, романски, српски, словенечки, француски, хрватски, италијански, албански, бугарски и латвиски јазик).

Ја добила македонската награда за дебитантско поетско дело „Студентски збор“, двапати наградата за проза „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија, наградата за најдобар превод „Божидар Настев“, германската награда за поезија „Хуберт Бурда“, романските поетски награди „Поесис“ и „Тудор Аргези“, европската награда за поезија „Петру Крду“, наградата на Европската Унија за книжевност за
романот „Резервен живот“, Специјалното признание „Европско културно наследство“ за најдобар расказ, словенечката награда „Чаша на бесмртноста“ за десетгодишен поетски опус, албанско-македонската награда „Наим Фрашери“ за животно поетско дело и др., а била номинирана и за американската „Најдобра книга во превод на англиски јазик“, за полската награда „Европски поет на слободата“, „ меѓународната „Балканика“ и др.

Составувач е на антологијата на најмладата македонска поезија „20.млади.мак.поети.00“, на антологијата на современата словенечка поезија на македонски јазик и на антологиите на малцинската и имигрантската книжевност во Словенија „Од јазик на јазик“ и „Ќе биде подобро“. Учествувала на бројни меѓународни книжевни средби и читања и престојувала на книжевни резиденции во Лондон, Берлин, Виена, Грац, Салцбург, Кремс, Тирана и Сплит. Од 2016 до 2019 година, таа била претседател на жирито на меѓународната книжевна награда „Виленица“ од Словенија.
„Гранична состојба“ (Или-Или, Скопје, 2021) е нејзина седма поетска збирка.

Од оваа година, прогласувањето на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ е пред почетокот на фестивалот, со цел да се овозможи претставување на добитникот на наградата на тековното издание на фестивалот, а не само негово прогласување пред крај на фестивалското издание. На овој начин е возможно да се обезбеди превод на англиски на најрепрезентативните песни од наградената збирка и соодветно претставување на тековната добитничка, особено пред гостите од странство.

Претставувањето на минатогодишната добитничка на наградата, Ива Дамјановска останува во вообичаениот формат, преку издавање на публикација во целосен препев на англиски на наградената збирка од минатата година и нејзино претставување во рамки на програмата на фестивалот.

Преостанатите четворица кандидати во потесен избор исто така, според вообичаената пракса, ќе бидат дел од програмата на фестивалот.

Струшките вечери на поезијата оваа година ќе се одржат од 26 до 30 август со целосно почитување на најновите мерки за заштита од ковид пандемијата.