Кога Силвија Биџ ја отвори „Шекспир и компанија“ во 1919 година, книгите на англиски јазик беа скапи и тешки за наоѓање во Париз. Писателите и уметниците што се собраа во главниот град на литературниот модернизам побрзаа да се регистрираат во библиотеката на Биџ. Заедно со Хемингвеј и Стајн, станаа членови писатели како Аиме Сезар до Симон де Бовоар, Жак Лакан, Волтер Бенџамин и Џојс

Проектот со кој ќе се дигитализираат записите од книжарницата и библиотека „Шекспир и компанија“ нуди прозорец со поглед кон Париз за времето на џезот, откривајќи ги читачките навики на литературни титани, вклучувајќи ги Ернест Хемингвеј, Џејмс Џојс и Гертруда Стајн.
Рачно напишаните картички покажуваат дека во 1925 година, децении пред да го напише својот роман „Стариот човек и морето“, Хемингвеј го позајмил мемоарот на Џошуа Слокум, „Пловејќи сам по целиот свет“. И записите, измешани од службениците во продавницата, прикажуваат како Стајн ги задоволувала своите интелектуални стремежи со полесно читање, вклучувајќи ги историската романса на Т.Х. Кросфилд „Љубов во антички денови“ и фантазијата на Ендрју Сотар „Островот на еднаквоста“.

Кога Силвија Биџ ја отвори „Шекспир и компанија“ во 1919 година, книгите на англиски јазик беа скапи и тешки за наоѓање во Париз. Писателите и уметниците што се собраа во главниот град на литературниот модернизам побрзаа да се регистрираат во библиотеката на Биџ. Заедно со Хемингвеј и Стајн, станаа членови писатели како Аиме Сезар до Симон де Бовоар, Жак Лакан, Волтер Бенџамин и Џојс – и беа „ловени“ за доцното враќање со цртеж од револтиран Шекспир што си ја кубе косата.
Биџ го објави контроверзниот роман на Џојс, „Улис“, во 1922 година, и ја одржуваше продавницата отворена до 1941 година, кога беше принудена да ја затвори, откако одби да ја продаде последната копија од Џојсовата „Финеганс Вејк“ на нацистички офицер. Џорџ Витман отвори нова инкарнација на продавницата во 1951 година, а документите на Биџ ги презеде универзитетот „Принстон“ во 1964 година. Универзитетот работи од 2014 година да дигитализира записи од огромната архива, која опфаќа 180 кутии, достапни за истражувачите на интернет првпат како дел од проектот „Шекспир и компанија“.

Џошуа Котин, вонреден професор по англиски јазик на „Принстон“ и директор на проектот, открива дека Биџ била „прецизна опсесивна чуварка на записи“.
Ние сега развиваме дигитални алатки што ќе ни овозможат да го разбереме и реализираме потенцијалот на архивата. Остануваат многу богатства што треба да се откријат. Ако ги наредите документи од архивата на куп, ќе добиете кула од 24 метри. Сè уште наоѓам богатства, на пример непосредно пред да нападне пандемијата најдов ракопис за „Балет Меканик“ од Џорџ Антејл (1924), кој Антејл лично ѝ го предал на Биџ – вели Котин.

Во записите се открива дека Хемингвеј позајмил повеќе од 90 книги, од автобиографијата на П.Т. Барнум, па до „Љубовникот на леди Четерли“, која ја задржал осум дена во септември 1929 година, кога романот на Д.Х .Лоренс првпат се појавил во Франција, 30 години пред да биде објавен во САД. Во 1926 година тој позајми копија на „Борба со бикови“ на Том Џонс, која играла клучна улога во пишувањето на неговиот роман од 1926 година „Сонцето повторно изгрева“. Тој, исто така, купил копија од сопствениот роман „Збогум на оружјето“ од продавницата
– Ние сакаме да разбереме генијалец. Дали она што го читал Хемингвеј ни помага да разбереме што напишал и зошто тој бил толку добар во својата работа? Исто така, фасцинантно е да ги поврземе нашите секојдневни практики – она ​​што го позајмуваме од нашата локална библиотека, што го купуваме од „Амазон“ – со практиките на луѓето во минатото. И има нешто забрането во тоа да дознаеме што и како читаат луѓето, учиме за многу приватна, осамена активност – вели Котин.

Некои од записите, „раскажуваат изненадувачка или потресна приказна“. Непосредно пред да умре, Волтер Бенџамин позајмил две книги: германско-англиски речник и „Физички и метафизички дела“ на Лорд Бекон. Кога Франција изгуби од Германците, Бенџамин избегал од Париз, но тој се самоубил во септември 1940 година, откако шпанската полиција му се заканила дека ќе го предаде на Гестапо.

– Архивата создава неочекувани врски. Со Аиме Сезар и неговото позајмување на поетите од ренесансата на Харлем, одново и одново; Џек Лакан, кој позајмил необична книга за ирската историја откако ја прочитал „Улис“ на Џојс; Клод Кахун, под името Мле Луси Швоб, кој го читал Хенри Цејмс; Гертруда Штајн, која читала фантастични романи. Архивата, исто така, открива информации и за помалку познатите членови на библиотеката. Ми се допаѓа членката Алис Килен. Таа била најактивниот член на библиотеката. Позајмила стотици книги во текот на 18 години. Проектот ни овозможува да научиме и да се сеќаваме на овие луѓе – вели тој.

Американското здружение на библиотеки бара од библиотеките да ги уништуваат записите од овој тип, за да ја заштитат приватноста на членовите; „Шекспир и компанија“ не била поврзана со Американското здружение, а Биџ чувала сè.
– Таа веројатно требало да ги уништи своите записи. Но јас сум среќен што не го сторила тоа – вели Котин.