Во рамките на 47-те „Мајски оперски вечери“ на 12 мај ќе биде изведен бисерот на балетската уметност и еден од најубавите балети во класичната уметност „Лебедово езеро“ на Петар Илич Чајковски.

Во улогата на Одета и Одилија, белиот и црн лебед ќе настапи Маја Махатели од Грузија, додека во улогата на принцот Зигфрид ќе настапи Артур Шестериков од Русија, двајцата првенци на Холандскиот национален балет, со голема балетска кариера. Во улогата на Ротбарт ќе настапи Давиде Буфоне (Италија). Диригент е Бисера Чадловска, кореографијата е на Виктор Јаременко од Украина, сценографијата на Андреј Злобин додека костимографијата е на Гана Ипатиева. Националната првенка на Хрватска Ирена Пасариќ, како главен репетитор и педагог, за должена е за подготовките и пробите на балетскиот ансамбл. Настапува балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

Маја Махатели (Национален балет на Холандија)
Маја Махатели е родена во Тбилиси каде го започнува нејзиниот балетски пат на Кореографскиот институт на Вахтан Чабукиани. Во 2002 година заминува во САД каде во Колорадо го продолжува нејзиното усовршување. Како финалист и добитник на повеќе награди на неколку натпревари, поканета е да стане дел од ансамблот на Балетот на Колорадо каде набргу напредува до позицијата балетски играч-солист. Во 2005 година заминува во Бирмингам каде е член на Кралскиот балет, за во 2006 година да стане дел од Државниот балет на Холандија каде денес е примабалерина.

Махатели е добитник на наградaтa Нина Ананиjашвили и Гилберт Алберт во 2011 година, а во 2014 е номинирана за наградата Избор на критичарите во Холандија за нејзината изведба во „Жар птица“ во кореографија на Алексеј Ратмански и за Падеде од Чајковски во кореографија на Бланшин. Во 2015 година ја добива наградата „Александра Радиус“ за особени достигнувања во балетската уметност.

Артур Шестериков (Национален балет на Холандија)
Артур Шестериков е роден во поранешен СССР во балетско семејство. Во 2002 година, веднаш по завршувањето на Балетската школа во Перм со највисоки оценки тој станува дел од балетскиот ансамбл на Операта и балет во Перм. Уште како млад балетски играч му е дадена довербата за изведба на сложени солистички партии и главни улоги поради што зема учество на бројни турнеи со оваа балетска трупа. Во 2007 година добива покана да стане член на Холандскиот национален балет, а набргу е прогласен за солист во овој признаен ансамбл. За неговите достигнувања добитник е на наградата „Александра Радиус“, а во 2004 година е финалист на Меѓународниот натпревар „Арабеск“ на кој му е доделена наградата за најталентиран млад балетски играч.