Куќата на Робевци во Охрид се смета за едeн од најрепрезентативните објекти на градската архитектура во Македонија, која својот највисок развој го достигнува во текот на 19 век. Денес е заштитен споменик на културата, под грижа на Заводот за заштита на спомениците на културата и народен музеј во Охрид, а во неа е сместен Археолошкиот музеј, етнолошката поставка, фонд на предмети од семејството Робевци и дела на охридската резбарска школа.
Тодор Петков од селото Гари, Дебарско, е мајсторот градител на куќата на двајцата браќа Робевци, која ја сочинуваат два посебни стана што формираат симболична архитектонска целина. Куќата била изградена во 1825 година, по што била опожарена и повторно изградена наредната година.
Под раководство на Тодор Петков бил направен и ентериерот на куќата на Робевци: резбаните тавани, долапи и други украсни елементи.
Куќата на Робевци (всушност двојна зграда – братска куќа), и според својaта големина и по архитектонскиот израз, претставува своевиден статусен симбол за семејството, чии трговски врски воделе од Истанбул до Виена, Трст и Лајпциг. Во вака изградената куќа, семејството на Робевци живеело до 1900 година. Од 1913 до 1919 година, во делот на Константин Робев била сместена српска војска. Во 1920 година делот од куќата што му припаѓал на Константин служел за сместување на земјоделските производи добиени од имотот на Робевци.

Дури по ослободувањето, куќата на Робевци била заштитена како културно-историски споменик. Во јуни 1950 година во неа е сместен Народниот музеј во Охрид, а во 1951 година е ставена под заштита на Законот за културно-историските споменици. Зградата е национализирана во 1953 година, а во 1959 година му е предадена на трајно користење на Народниот музеј-Охрид. Со интеграцијата на Народниот музеј и Заводот за заштита на спомениците на културата, на 1 март 1973 година, Народниот музеј како самостојна организација престанува да постои во дотогашната форма. Тогаш започна и реконструкцијата на Куќата на Робевци, која со прекини траеше до 25 август 1990 година.
Во 1996 година, Куќата на Робевци е повторно ставена под грижа на Законот за заштита на спомениците на културата на Република Македонија, како вредно културно-историско градителско наследство со препознатливите карактеристики на староградската охридска архитектура од 19 век.