Почна 11-от „Македокс“

Иако „Куршумли-ан“ нема да биде во функција за филмските проекции од програмата на 11-то издание на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, отворањето на фестивалот, сепак, се случи во овој објект со вообичаениот поздрав со високо кренат кромид во рацете на екипата на „Македокс“.
– „Куршумли-ан“ е објект во кој тишината најгласно зборува. Кога ќе влеземе низ неговата порта ние се среќаваме со безброј приказни. Секое камче, арка или агол на објектот безгласно раскажува векови историја. Зборува за случки, приказни, емоции, доживувања. Раскажува цела деценија приказни на „Македокс“. Но многу зборува и за третманот на културата во државата. Затоа сметавме дека е многу важно отворањето на фестивалот да се случи токму тука, во нашиот дом, кој оваа година ќе го оставиме во тишина – рече Дарко Набаков, кој раководи со 11-от „Македокс“.
Бројот 11 означува нов почеток, но и порта што води кон друга метафизичка димензија. Тоа е број што означува и носење суд или одлука.

– Единаесеттото издание на фестивалот е нов и невиден предизвик за сите нас. Покрај сите предизвици, донесовме одлука фестивал да има, фестивал што го посветуваме на публиката и на сите нас што веќе долг период живееме без култура во нашето секојдневие. Годинава микроскопски навлегуваме во најситните клетки на кромидот во обид да го видиме она што не може да се види со голо око. Но и да го чуеме наједноставното и најтешкото. Инспирирани од насловот на стихозбирката на Ацо Шопов одлучивме со мото „Слеј се со тишината“ да го посветиме фестивалот на поезијата во филмот, на дизајнот на звук – рече Набаков.

Годинава фестивалот ќе се одржи во хибридно издание. Филмската програма почнува со проекции во паркот МКЦ и во Кинотеката. Истовремено филмовите ќе може да се гледаат и онлајн, со претходна регистрација на платформата.