Културно-информативниот центар од Скопје доби ново пијано за потребите на музичката активност во „Салон 19,19“ – донација од Интернационалната фондација за музика и уметност (IMAF), со седиште во Вадуц, Лихтенштајн, која неодамна помогна и во реновирањето на камерниот салон на КИЦ.

Сиве овие години КИЦ користеше пијано од марката „Петроф“, кој веќе одамна е амортизиран бидејќи е донесен во институцијата уште во 1972 година. Оттука оваа донација претставува историски чин, не само за КИЦ, туку воопшто за музичката култура во нашата земја, затоа што „Салон 19,19“ е единствен и најпознат простор за концерти и камерни состави во градот Скопје.

По сугестиите на повеќемина врвни музички уметници за дотрајаноста на пијаното старо 46 години, кое често бараше штимање пред изведба (последните години се користеше повеќе за пијано придружба, отколку за соло изведби), раководството на КИЦ направи напор да донесе нов инструмент што ќе им биде од корист на новите генерации музички изведувачи.

Новото пијано, донација од ИМАФ, е од марката „Гранд пиано – Јамаха C6X“, има нов, одличен звук, а донесено е преку овластениот дистрибутер на „Јамаха“ во Македонија, еден од најголемите продавачи на музички инструменти „До ре ми“ од Скопје.

Во текот на месец мај, КИЦ најавува концертна промоција на новото пијано со настап на еминентни пијанисти што најдобро би ги покажале неговите перформанси.