Министерката за култура, Ирена Стефоска, денеска одржа онлајн работен состанок со директорите на центрите за култура, на кој стана збор за активностите на овие институции од областа на културата, но и за инвестициите кои со поддршка од Министерството за култура ќе се реализираат до крајот на годинава.

На средбата директорите на центрите за култура ја информираа министерката за својата работа во услови на светска пандемија, како и за реализацијата на проектите со почитување на сите протоколи.

Се разговарало за реално планирање на програмските содржини во ковид-услови, особено во летниот период кога се нудат пооптимални услови за реализација на програмите на отворени, алтернативни простори.

Било посочено дека институциите се соочуваат со проблеми од инвестициски карактер, недостиг и застарена опрема, како и недостиг од технички и административен стручен кадар.

На средбата се разговаралo и за проектите што се поддржани во програмата за финансирање проекти од национален интерес во културата од областа на инвестициско и тековно одржување на објектите и опремата во државна сопственост од областа на културата за 2021 година.

Било посочено дека со овие проекти ќе се подобрат условите за функцинирање на центрите за култура.

– Беше истакнато дека во Годишната програма за инвестиции за 2021 година се издвоени средства за изведба на реконструкција на центрите за култура во Куманово (зградата на театарот) и во Гостивар, а во Центарот за култура во Кочани продолжува реконструкцијата на објектот, каде што веќе е започната изведбата на првата фаза од реконструцијата, односно извршена е промена на фасадата, фасадната столарија и на покривот – информираат од министерството за култура.

Министерката за култура Стефоска ја нагласила важноста на оние институции чие соодветно функционирање е од особено значење за развојот на културата во градовите и во општините и посочи дека од директорите и воопшто од институциите очекува конструктивност, професионалност и координативен однос во работата. Исто така, ја истакна и потребата од активна соработка со единиците на локалната самоуправа, во интерес на граѓаните, и реализација на повеќе активности кои се од значење за развој на културата во општините.