Ирена Стефоска на министерска конференција

Министерката за култура Ирена Стефоска учествуваше на седмата министерска конференција на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа – Јакнење на културата во функција на одржливиот развој, која поради пандемијата се одржа онлајн. Домаќин на оваа значајна министерска конференција беше Министерството за култура и спорт на Грција, коe во изминатиот период претседаваше со Советот.
Министерката за култура Стефоска во своето обраќање изрази благодарност до домаќините и истакна дека ова е одличен повод да се нагласи заедничката посветеност за понатамошно унапредување на регионалната и мултилатералната соработка во областа на културата и културното наследство како движечка сила за дијалог, креативност и кохезија на регионот.
Во своето обраќање, реферирајќи на темата „Дигиталните и еколошките културни политики во контекст на пандемијата“, Стефоска истакна дека Македонија, како и другите земји во светот, ги усогласила својот социјален и културен живот за да се справи со предизвиците што ги наметна глобалната пандемија.

– Овие нови предизвици ни овозможија да започнеме да гледаме на културата повеќе како екологија отколку само како економија и да започнеме со преиспитување на старите модели на креативен пристап и државна поддршка. Меѓутоа, во овој поглед, сè уште имаме многу повеќе да работиме и да учиме едни од други – додаде Стефоска.
Министерката за култура информира дека како дел од сеопфатните државни пакети за поддршка беше обезбедена поддршка за културните работници, вклучувајќи ги првпат и независните уметници.
– Паралелно со осигурувањето дека културните работници можат да продолжат да творат, ги продолживме системските реформи, фокусирани кон нова стратегија и законска рамка за заштита на културното наследство – рече Стефоска.

Таа ја нагласи и важноста на културата како главна алатка што им помага на луѓето да се справат со последиците од глобалната пандемија и рече дека културата мора и треба да биде движечка сила, која ги отвора границите што ги затвори вирусот.
– Ние сме министри за култура во многу тешко време. Затоа, нашата одговорност е поголема од вообичаеното. Сега, повеќе од кога било, нашата соработка е најважна. Културата може да биде заеднички елемент што го споделуваме и кој може да ни помогне да ја поддржиме и да ја инспирираме неопходната транзиција од нашата моментална ситуација и треба да биде уште повидлива. Југоисточна Европа, како цивилизациска крстосница, изобилува со културно наследство, што треба да нè направи уште поблиски пријатели – нагласи Стефоска.