Дејан Дуковски

Во Југословенско драмско позориште досега се изведени драмите „Буре барут“ и „Другата страна“ на Дуковски. Унковски, пак, покрај „Буре барут“, во ЈДП ги режирал и претставите „Хрватски фауст“, „Театарски илузии“, „Шини“, „Галеб“, „Брод за кукли“, „Како што милувате“, „Ајнштајновите сништа“ и др.

Југословенско драмско позориште ги почна пробите за претставата „Маму му ебам кој прв почна“ на македонскиот драмски писател Дејан Дуковски, во режија на нашиот режисер Слободан Унковски, а нивната нова соработка е своевидно продолжување на тандемската работа по познатата драма и култна претстава „Буре барут“, која исто така заедно ја работеа.
Премиерата на претставата „Маму му ебам кој прв почна“ се очекува во јануари 2020 година.
Во претставата играат: Предраг Мики Манојловиќ, Мирјана Карановиќ, Јасна Џуричиќ, Бранислав Лечиќ, Јована Беловиќ и студенти на глума на Факултетот за драмски уметности. Во Југословенско драмско позориште досега се изведени драмите „Буре барут“ и „Другата страна“ на Дуковски.
Унковски, пак, покрај „Буре барут“, во ЈДП ги режирал и претставите „Хрватски фауст“, „Театарски илузии“, „Шини“, „Галеб“, „Брод за кукли“, „Како што милувате“, „Ајнштајновите сништа“ и др.

Дејан Дуковски е едно од водечките имиња во македонската современа, постмодерна драма и драматургија. Особено со неговите драми „Балканот не е мртов или магија Еделвајс“ (1992), „Буре барут“ (1994) и „Маме му ебам кој прв почна“ (1996), тој не само што се стекна со реноме на виртуозен драматуршки мајстор кај нас, на Балканот, туку сè поголем е бројот на театарски поставки во врвни светски театри. Драмите на Дуковски, 16 на број, се еден од најуспешните извозни продукти од областа на македонската култура. Тие засега се изведени на разни јазици на повеќе од деведесет сцени во светот од кои само 20 се во Македонија, а 73 во други земји.

Дуковски во 1992 година влегува на голема врата во театарот во Македонија со драмата „Балканот не е мртов“, а на балканските, европските и на светските сцени две години подоцна со драмата „Буре барут“ (1994). Најизведувана драма му е „Буре барут“, преведена е на 18 јазици и поставена во 23 земји (Македонија, Србија, Холандија, Шведска, Грција, Бугарија, Германија, САД (Лос Анџелес и Њујорк два), Австрија, Англија, Финска, Хрватска, Франција, Јапонија, Данска, Полска, Швајцарија, Италија, Русија, Казахстан, Турција, Романија, Унгарија). „ММЕ кој прв почна“ имала 15 изведби од кои 11 во странство. „Друга страна“ е поставена 11 пати, а праизведбата и е во Копенхаген (2004). „Празен град“ има 9 изведби, „Балканот не е мртов“ 7 изведби, „Дракула“ има 3 изведби… На некои од овие драми изведбите им во земјите се повторуваат, а во некои градови драмите се играни и по неколкупати на различни сцени.

– Дуковски пишува за лузерите и маргиналците, за урбаните и едновремено заебаните, за фрустрирани фаци, за хомосексуалци, за поединечни и колективни трагедии, за алкохол и дрога… Репликите му се куси и содржајни, полни со метафори што болат, има поетизација што ја зголемува сценската брзина, но и право на надеж за подобар живот. Тоа се спирали со паралелни настани и слики/сцени со интермедијален тон.

Ликовите зборуваат со градски идиоми. Низ таа урбана и фиктивна реалност, сепак, сѐ води кон пропаст. Ова и уште многу нешта, кои Дејан Дуковски мајсторски ги сместува во своите драми, според досегашниот интерес за нив, се доказ за вистинската состојба на ликовите што се јунаци на ова време – пишува Лилјана Мазова за неговиот опус.