Стихозбирката „Крстна коска“ од македонската поетеса Наташа Сарџоска е избрана меѓу најдобрите и најквалитетни книжевни преводи во Италија. Преводот на делото, кој го направи самата авторка, е помогнат од Министерството за култура, а во Италија ја објави реномираната издавачка куќа „Интерно поесиа“.
– Мојата книга „Крстна коска“ во мој личен автопревод е избрана на 12-то место меѓу номинираните дваесет најдобри и најквалитетни книжевни поетски преводи во Италија од илјадници преводи во 2020 година, во еден, скромно кажано, извонреден список – заедно со преводите на италијански јазик на врвни светски автори, како Луиз Глук, Никос Казанѕакис, Роберто Болањо и Маргарет Атвуд – вели авторката.
Таа му изрази голема благодарност на Министерство за култура за поддршката, како и на реномираната издавачка куќа „Интерно поесиа“ за дадената шанса и доверба, и секако на порталот „Л’индискрето“ што го препозна нејзиниот поетско-преведувачки плод.

Стихозбирката минатата година се најде и во потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат „Струшките вечери на поезијата“, а истата година пред многубројната публика на промоција во Охрид ја претстави Димитар Пандев.
– Поезија на крвта и поезија од телото на тело. Експлоративна поезија на телото кое учи да биде тело, во пограничјата, во ограничувањата, во границите, во среќавањата. Поезија што ги изучува телата како географски карти. Поезија што се предава пред магматската потреба да се сака и да се биде сакан, иако јазиците, зборовите, намерите, гестовите се чини како намерно да биле создадени за воопшто да не сакаат да се разберат – вели Тицијано Фратус за книгата на македонската поетеса.