Драмската програма на годинашното 61. издание на фестивалот „Охридско лето“ почна со театарската претстава „Крик за љубов“ од Жозиен Баласко, во режија на Љупчо Ѓоргиевски, а во изведба на Народниот театар од Охрид.
„Крик за љубов“ е комедија на карактери натопена во љубовна приказна со романтичен крај. Текстот обработува две доминантни теми – театарот и љубовта. Улогата на Жижи Ортега ја игра актерката Адријана Тодороска, во ликот на Иго Мартиел е Никола Тодороски, улогата на Леон ја игра Ивица Цонев, а Силвестер е Горан Стојаноски. Сценографијата за претставата ја направи Валентин Светозарев, костимографијата е на Андреј Ѓоргиевски, а музиката ја компонираше Марјан Неќак.
Деведесетминутната претстава „Крик за љубов“ е наменета за целата публика.
Режисерот Љупчо Ѓоргиевски досега има режирано над 70 претстави во сите театри во Македонија, а режирал и во Бугарија, Русија (Санкт Петербург и Казањ) Турција, Романија, Косово и др. Поставува дела од светската класична и современа драма („Цар Едип“, „Медеја“, „Ромео и Јулија“, „Мачката на вжештен лимен покрив“, „Столови“ и др.), како и македонската драма. Особен успех му донесоа поставките на т.н. македонска битова драма („Бегалка“, „Македонска крвава свадба“ и „Парите се отепувачка“). Негови претстави учествувале на сите театарски фестивали во Македонија и на повеќе фестивали надвор од неа. За својата работа Ѓоргиески е добитник на повеќе награди и признанија.