На „Родови перцепции“, која се отвори со перформансот „Луис“ на уметничкиот колектив од Лондон, „ГрејсГрејсГрејс“, се претставија 39 дела од 25 светски реномирани авторки од Британија и од Северна Македонија, како што се: Трејси Емин, Сара Лукас, Лубаина Химид, Анета Светиева, Моника Мотеска, Христина Иваноска…

Во Музејот на современата уметност со проекција на отворено на филмот „Триесет души“ на Дијана Туседо се затвора меѓународната изложба „Родови перцепции“, која музејот ја организира во соработка со Британскиот совет. По проекцијата на филмот е предвиден разговор со авторката и коктел на терасата на МСУ, со што се одбележа последната ноќ на „Родови перцепции“.
– Сниман во период од пет години, „Триесет души“ е филм со две страни: и документарен и фикција. Прикажува еден свет што е вистински и друг што е имагинарен, еден свет што е млад и друг што е стар, еден што има само огниште и друг што е со гигантски размери, еден од минатото и друг со иднина, еден што е жив и друг што е мртов. „Триесет души“ имаше своја светска премиера на 6-от Берлински филмски фестивал, а по Берлин освои преку 10 меѓународни награди со прикажувања на преку 30 светски фестивали – велат од МСУ.

Дијана Туседо има работено како монтажерка на шеснаесет долгометражни филма на неколку режисери, вклучувајќи ги Исаки Лакуеста и Алберто Гарсија. Како режисерка, има направено повеќе креативни документарни и експериментални кратки филмови, кои биле прикажани на филмски фестивали и во неколку центри за современа уметност.

Проекцијата на филмот е програмска соработка помеѓу „Родови перцепции“ и редовната филмска и видеопрограма на МСУ.

– Изразуваме благодарност кон сите што веќе ја посетија изложбата или програмските содржини што беа дел од „Родови перцепции“. Континуирано работевме на програмските содржини, и во оваа пригода сакаме да ги поканиме сите оние што досега немаа можност да дојдат како и оние што сакаат повторно да дојдат заедно да го одбележиме крајот на ова значајно патување за родовата еднаквост во современата уметност – велат од МСУ.

На „Родови перцепции“, која се отвори со перформансот „Луис“ на уметничкиот колектив од Лондон, „ГрејсГрејсГрејс“, се претставија 39 дела од 25 светски реномирани авторки од Британија и од Северна Македонија, како што се: Трејси Емин, Сара Лукас, Лубаина Химид, Анета Светиева, Моника Мотеска, Христина Иваноска. Куратори на изложбата се Кумјана Новакова и Благоја Варошанец.