Даријан Пејовски, селектор на краткометражната програма на „Манаки“

Годинашната краткометражна натпреварувачка програма на ИФФК „Браќа Манаки“ докажува дека филмот има иднина, и како никогаш досега, приказните се храбри, инвентивни и бескомпромисни, вели Даријан Пејовски, селектор на краткометражната селекција на претстојниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ (16-21 септември). Во програмата претежно се европски филмови („Кукла“ – Литванија, „Стефани“ – Белгија, „Во почвата“ – Данска, „Крај на страдањето“ – Грција, „Маглива ноќ“ – Португалија, „Места“ – Литванија, „Гласови“ – Италија), иако има и од Иран („Сона“) и од Перу („Тишината на реката“), како и домашниот „Северен Пол“ на Марија Апчевска, единствениот македонски филм што бил дел од официјалната конкуренција на Филмскиот фестивал во Кан.

„Манаки“ се враќа по пауза од една година, колку загуби фестивалот со онаа пауза од лани, и воопшто колку претрпи филмската дејност во земјава?
– И во светот и кај нас, филмот загуби многу. Од блокирани продукции, до снимања под посебни протоколи. Она што е важно е дека кај нас никогаш не стопираше дејноста, напротив, се снимија неколку филма, филмските работници добија и помош.

Велите дека последниве две години филмот претрпи силен удар најмногу во допирот со публиката и заедничкото доживување на филмското дело. Колку е важен тој директен контакт?
– Можеби најважен. Филм се прави за да се гледа со публика, во кино. Седењето дома ја засили и така силната конкуренција од интернет-платформите. Искрено се надевам дека ќе се врати навиката за одење во кино. Минатата година, повеќето од филмските фестивали не се одржаа, некои сѐ уште се онлајн. Многу филмови се чуваа за оваа или за наредната година, со надеж дека пандемијава можеби и ќе заврши.
„Манаки“ најавува возбудлива краткометражна програма.

Што точно ќе видиме и дали пандемијата се одрази на продукцијата на кратките филмови?
– Без да навлегувам во детали, можам да кажам дека станува збор за силна конкуренција сочинета од веќе докажани филмови од големите фестивали, но и филмови што ја немале таа среќа, а заслужуваат да бидат видени. Со оглед на добро познатите околности, навистина ми е драго што пристигнаа многу апликации, буквално од сите континенти.

Велите како никогаш досега, приказните се храбри, инвентивни и бескомпромисни. На што се должат овие специфики, дали можеби на времињава што ги живееме?
– Краткиот филм отсекогаш бил похрабар. Едноставно, имате многу поголема слобода да експериментирате и практично не му одговарате никому. Во долгометражниот филм, на прсти можат да набројат автори што можат да си ја дозволат таа слобода.

Особена радост е што македонската публика ќе го види „Северен Пол“ на Марија Апчевска. Какви се вашите впечатоци за филмот?
– Секоја година имаме домашен филм во краткометражната програма. Оваа година е, веројатно, најуспешниот досега, а тоа е навистина голема радост. Филмот на Марија е одличен, има универзална приказна и современ филмски јазик, јасно е зошто беше дел официјалната конкуренција во Кан. Згора на тоа, снимен е исклучително вешто од страна на еден од нашите најискусни кинематографери, Владимир Самоиловски.