Со претставата „Кралот Жаба и други љубовни приказни“ вечерва ќе биде отворено Шесттото издание на „Сонот на облачето“ на сцената Фросина во Младинскиот културен центар во Скопје.

Интернационалниот детски фестивал на театар на сенки нуди тридневна програма со четири претстави наменети за деца од различни возрасти, две работилници за изработка на кукли за сенки, проекција на краток филм и изложба на рачно изработени лампи.

Ана Фабули од Германија за отворањето на фестивалот ќе ја одигра претставата „Кралот Жаба и други љубовни приказни“, која својата праизведба ја имала во 2011 година. Оваа получасовна бајка на тема што е тоа вистинска љубов е наменета за деца од 3+ години.

„Дали некогаш си бакнала жаба? Жаба?! Бљак! Попрво би бакнала глушец отколку жаба! Глушец?! Хмм… А вие кој би бакнале?“, се репликите разменети помеѓу една принцеза и една жаба, а ги наслушнала и една гуска. Фантастични сплетки визуелно прикажани преку магијата на сенките, без употреба на текст и дополнети со изведба на музика во живо.

Фабули во својот репертоар вбројува десетици соло претстави со сенки, изведувани на бројни интернационални фестивали низ светот. Нејзиното гостување е вистинско освежување за скопската публика, која единствено преку овој фестивал може да ужива во несекојдневните спектакли со сенки.

Организатор на фестивалот „Сонот на облачето“ е Театарот „Сенки и облаци“ од Скопје, кој го реализира со поддршка од Министерството за култура, Градот Скопје и Младинскиот културен центар.

Театарскиот фестивал ќе трае до 19 декември, а билетите за сите претстави се во продажба на билетарницата на Младинскиот културен центар по цена од 150 денари, како и онлајн.