Кој ќе преживее, ќе раскажува

Расказ инспириран од карантинот

Се испоразболеа луѓе, еј, како што од памтивек не беше се разболеле.
Сместени во огромниот импровизиран болнички шатор, на едно место беа изнапикани секакви и од секаде. Млади, стари, жени, мажи, црни и жолти, некои уште поцрни и уште пожолти, а имаше и еден црвен, дали од некаква друга болештина или од друго – којзнае!
Ова утро вриеше во импровизираната болница. Уште немаше 7 часот и 28 минути, донесоа нова тура од седум снеможени лица. Ги сместија на крајот, таму далеку, во ќошот.

Персоналот работеше забрзано. Летаа луѓе во бело, со маски и нараквици, летаа болничарки и болничари; сите растрчани некаде.
Во еден момент една млада болничарка се поднаведна да му потпомогне на еден стар бенкичав чичко, при што од левата страна ѝ ѕирна едната сочна града.
– Ко вид, вид, ко не вид, ништо – промрмори гласно еден младич, кој лежеше еден кревет погоре, од десната страна.

– Ко вид 19 години има, затоа се однесува така – се потсмеа една постара госпоѓа, која исто така лежеше еден кревет погоре, но од левата страна, и која исто така ја виде градата на болничарката, а не можеше да се воздржи на забелешката на младичот.
Во меѓувреме, болничарката продолжи да си ја работи работата, сосема несвесна за значењето на зборовите на младичот и постарата госпоѓа.
– Тебе, дедо – му се обрати на бенкичавиот чичко – од кој оддел те пратија овде? Кај беше прво?
– Од коронаграфија.
– Од каде – препраша таа, бидејќи беше занесена тропкајќи по кесичката инфузија над неговата глава.
– Коронаграфија.
– А, мислиш од коронарографија.
– Оттаму.

Таа фрли последен поглед кон ќесата со инфузија и се упати кон еден подалечен кревет, каде што лежеше еден средовечен човек, во полна физичка сила.
– Жеден сум – рече тој – ми се пие нешто.
– Може чаша вода?
– Ми се пие корона.
– Што е тоа?
– Пиво.
– Е – се насмеа таа – сега пиво не може, само вода или сокче.
– Тогаш ништо.

Таа учтиво му се насмевна на човекот и се упати кон новопримените пациенти. Кревет до кревет лежеа дечко и девојка, очигледно вистински дечко и девојка, и тивко си гугаа нежни зборови. До болничарката стигнаа само неколку збора, поточно реченици. Таа успеа да наслушне како вљубената двојка се храбри:
– Ти си мојот цвет со широко отворени снежнобели корони – рече тој.
– Ти си мојата сончева корона, која силно зрачи со надеж – рече таа.
– Ко Рона ќе се излеам и ќе ти ја покажам мојата љубов – рече тој.
– Ко виделина си за моиве очи – рече таа.

„Патетично“ си помисли болничарката, „зар навистина си веруваат во тоа што го зборуваат“ и се тргна што побргу од двајцата, но малку понатаму во себе посака и таа да има некој што би ѝ зборувал така нежно. И навистина, во оваа чувствителна ситуација секому му требаше малку надеж, малку храбрење. Всушност, такво храбрење добија и таа и целиот персонал. Еден човек со побелена брадичка, можеби некаков уметник, гласно рече:
– Овие луѓе што работат тука и што ни помагаат се луѓе од посебен ков и да се знае дека треба да им оддадеме почит и да им се оддолжиме за тоа што го прават.
Сите наглас потврдно одговорија на овие зборови, но никој не кажа како ќе им се оддолжат на болничарите.

Денот одминуваше, а работата беше заморна и монотона. Некого го болеше коронката на забот, некој ги бакнуваше златните коронки на светците, а некој едноставно играше игри на телефон.
Светнаа светилките, а смената на болничарката ѝ завршуваше. Малку ќе се одмори, па повторно ќе дојде да ги посети пациентите. И повторно, некого ќе го боли заб, некој ќе ѝ симнува ѕвезди на љубената, а некој ќе бара пиво.
Кој ќе преживее – ќе раскажува, рекле старите.

Славчо Ковилоски