Во пресрет на „Браќа Манаки“

Јубилејниот, 40. интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој на 14 септември ќе го отвори новиот филм на Педро Алмодовар „Болка и слава“, и годинава носи врвни имиња од светската кинематографија. Од досегашните најави, меѓу најатрактивните е онаа на германскиот режисер со турско потекло Фатих Акин, чии филмови се исклучително познати и омилени кај македонската публика. Добитник е на „златна мечка“ на Берлинскиот филмски фестивал за филмот „Со глава в ѕид“ (2004). Тој филм ја доби наградата и за најдобар филм според публиката на Европските филмски награди. Акин освои „сребрена палма“ за најдобро сценарио на Канскиот филмски фестивал за филмот „На работ на рајот“ (2007), како и наградата „златен глобус“ за најдобар филм на странски јазик за филмот „Од ништо“ (2017). За истиот филм актерката Дајан Кругер ја освои наградата за најдобра актерка во Кан.
Во Битола годинава доаѓа и Рајнер Клаусман, швајцарски кинематографер, најпознат по неговата тандемска соработка со Акин, а ќе пристигне и кинематограферот на филмот за отворањето „Болка и слава“ на Педро Алмодовар, Хозе Луис Алкаине, кој е лауреат на „златна камера 300“ на фестивалот во 2013 година.

– Годинава, покрај големиот број кинематографери што ќе бидат гости на фестивалот, ни доаѓа шпанскиот кинематографер, кој е наш лауреат и прв соработник на Алмодовар, тоа е Хозе Луис Алкаине, кој доаѓа заради филмот на отворањето, кој многу тешко го добивме, и чест ми е што ова јубилејно издание го отвораме со ремек-делото на Алмодовар, „Болка и слава“ – најави Гена Теодосиевска.

Уште еден специјален гостин, покрај познатиот режисер Фатих Акин, е и светски познатиот ирски драматург, режисер, сценарист и продуцент Џим Шеридан, кој на фестивалот доаѓа како претставник на Европската филмска академија (ЕФА). Тој има шест номинации за „оскар“ и е автор на антологиски филмови во светската кинематографија како „Моето лево стапало“ (1989), „Во името на таткото“ (1994), „Боксер“ и други.

– Големото име како Џим Шеридан покажува каков е односот на ЕФА кон нашиот фестивал кога како свој делегат за 40-то издание го испраќаат големиот автор како што е Шеридан – вели Благоја Куновски-Доре, уметнички директор и селектор на главната програма.

Шеридан е еден од водечките автори, сценарист-режисер на ирската кинематографија, која е горда на неговиот опус што го вивна во височините не само на пошироката кинематографија на Обединетото Kралство, туку и во светски рамки. Врв на неговата кариера и воопшто врв на ирската кинематографија е ремек-делото „Во името на таткото“, кој на Берлинскиот фестивал во 1994 г. ја освои заслужено „златната мечка“, по што филмот се закити со уште 7 други светски награди и рекорден број номинации, меѓу кои се седум номинации за „оскар“, четири номинации за „златен глобус“ и две номинации на БАФТА.

Исто така поголем дел од кинематограферите на филмовите во главната програма ќе бидат гости на фестивалот во Битола, а тука се и имињата на годинашното меѓународно жири, во чиј состав се Едвард Лакман (САД), претседател, и Ненад Дукиќ (Србија), Доминик Велински (Франција), Калојан Божилов (Бугарија) и Фејми Даут (Македонија). Едвард Лакман со децении е во врвот на американските и светските кинематографери, со неколку филма оскаровски кандидати, за кои требаше да добие барем еден „оскар“, но заврши со две номинации.