Кој владее со светот на уметноста?

Кој ја има моќта во уметничкиот свет? Дали преовладуваат идеите или парите? Порелевантни ли се уметниците или колекционерите? Колкаво е институционалното влијание? Весникот „Лимитид тајмс“ разговараше со неколкумина истакнати ликови од секторот уметност. Еве го нивното мислење за механизмите што ја моделираат уметноста.

Силата на отпорот – Даниел Гарсиа Андухар, уметник
Светот на уметноста претставува сложен систем со многу слоеви, структури, формални мрежи и јазици. Тој со векови е граден преку влијанието и моќта на владејачките класи. Генерално, во денешно време никој нема целосна контролна моќ над овој систем. Всушност, моќта што му соодветствува на уметникот не произлегува од пазарот или институционалното признание. Таа се базира врз развојот на променливата и неконформистичка уметничка вештина, која покажува отпор кон однапред наметнати модели и создава дела со голема вредност. Токму во тврдоглавоста лежи вистинската идеолошка моќ на уметноста.

Мрежата на парите – Алекс Ногерас и Ребека Бланшар, галеристи
Она што ги влече конците во уметничкиот свет се парите. Во оваа ера на див капитализам, на уметноста ѝ е ставена етикета со цена. Парите експресно ја деактивираат револуционерната и независна намера на уметноста, а пазарот ги контролира највлијателните уметнички настани, како што се перформансите, саемите и изложбите во истакнатите музеи. Големите уметнички корпорации ја користат ситуацијата со лошото финансирање на овие јавни места, за да ги свртат работите во своја економска полза и да влијаат на програмата.

Собирањето финансиски средства стана неопходност, па кураторите често се во дилема дали да им се даде приоритет на уметниците што доаѓаат со добри инвеститори, или на оние што немаат пари но имаат квалитет. Имајќи го предвид сето ова, одговорот на прашањето за владетелот на уметничкиот свет е само еден – тоа се парите.
Пазарот, се разбира – Роза Оливарес, уметничка критичарка и директорка на проектот „Егзит“
Кој владее во политиката? Парите. Кој владее во спортот? Парите. Ако мислите дека тоа не важи и за уметноста, тогаш или сте слепи или сте глупави. Без парите на колекционерите или институциите, ниту еден уметник не би се појавил на големите изложби. Силата е во пазарот, и точка. Секогаш се работело за нечија моќ: црквата, благородништвото, монархиите, високата буржоазија, богатите колекционери…, а моќта ја создале парите. На прсти се бројат директорите на музеите што не се под влијанието на глобалниот пазар.
Искреноста на уметникот – Ханс Улрих Обрих, уметнички директор и застапник на лондонската галерија „Серпентин“
Силата е секогаш внатре, во уметникот.

Живееме во време на еколошка опасност, многумина од нас бараат уметници што се способни да ја „обликуваат“ иднината, мотивирајќи го светот да се разбуди пред заканата од уништување на планетата. Од друга страна, како куратори, музејски директори, уметнички критичари или посредници, нашата улога е да го прошириме влијанието на уметниците, а со тоа да обединиме различни географии, идеи и начини на живот. Кога уметниците ќе добијат моќ, и најсериозните светски проблеми ќе може да бидат разбрани и третирани со искреност и надеж.
Во потрага по антагонизам – Пол Б. Прешес, филозоф и соработник со парискиот центар „Помпиду“
Недоразбирањата произлегуваат од лажната идеализација на уметноста и уметничката генијалност како автономни универзуми, „отцепени“ од политичките и социјалните поредоци. Да прашате кој владее во светот на уметноста е исто како кога би прашале кој владее во светот на автомобилите – најпрвин би требало да ги истражуваме производството, дистрибуцијата и потрошувачката на културната индустрија; потоа различните владини регулативи, мислењето на јавноста, нејзините социјални активности и склоноста кон критицизам. Чинам дека вистинското прашање е како да се создадат антагонистички процеси, но и како да се објективизира и деколонизира поимот „уметност“.

Прашање на класа – Хелена Кабело и Ана Карцелер, уметници
Прашањето звучи комплексно, но, за жал, одговорот е многу едноставен. Во основа, кога зборуваме за уметноста, моќта останува прашање на класа, било социјална или економска. Моќта се одржува по пат на влијателни групи, составени од советници, сопственици на галерии, претприемачи, менаџери и семејно поврзани елитни поединци. За разлика од другите културни манифестации, начинот на кој е презентирано и продавано производството на уметниците е особено корисен и профитабилен за овие елити и нивното опкружување. Остатокот од општеството нема речиси никакво влијание.
Реторичко прашање – Диего Стар, професор на Кралската академија во Сан Фернандо
Ова прашање го сфаќам повеќе како реторичко, имајќи ја предвид очигледната надмоќ на финансиите во уметничкиот свет.

Парите, во сите свои значења – од оние на мултинационалните корпорации, познатите куратори, директорите на големи музеи, влијателните колекционери, па до парите на меѓународните жирија за награди и успешните сопственици на галерии – ова е секако еден од најчестите одговори на вашето прашање. Во секој случај, ако кажете дека парите владеат со уметничкиот свет, нема да заклучите ништо ново, зашто фактот е очигледен. Така било уште од времето на Медичи и папското владеење и сѐ уште е така.