Дизајнерот што остави длабока трага

Светски познатиот дизајнер Михајло Арсовски, роден во Скопје во 1937 година, кој од својата рана младост живееше во Загреб и чие заминување го одбележуваат медиумите и во Хрватска и во Македонија, се сметаше за мистична фигура во дизајнерската струка. Тој ретко се појавуваше во јавноста, а македонската публика првпат можеше да види дела на неговата самостојна изложба под наслов „Плакати“, отворена во април во 2017 година, во Музејот на современата уметност во Скопје, а Хрватското дизајнерско друштво (ХДД), во текст посветен на неговата личност, истакнува дека Михајло Арсовски е „авторот што во голема мера ја обликуваше хрватската култура во шеесеттите и седумдесетите години од минатиот век и дека несомнено е една од најзначајните фигури на хрватскиот дизајн воопшто“.
– Тој не сака да дава интервјуа ниту да се фотографира. Тоа можеме да го посведочиме од прва рака, неколкупати сме се обиделе, тој би бил повеќе од интересен соговорник, сведок на една дизајнерска епоха од прва рака. Овој дизајнер е еден од татковците на плакатот, како што го познаваме денес – посочија лани кустосите Дејан Кршиќ и Маро Голуб, при отварањето на изложбата „Опремил: Михајло Арсовски – Обликување книги и периодика од 1960-тите до денес“ во галеријата на ХДД во Загреб.

Дизајнерот Лазе Трипков, директор на Музејот на современата уметност во Скопје, за време на одржувањето на споменатата изложба на Михајло Арсовски во 2017 година, на својот фејсбук-профил деновиве потсети дека овој музеј во таа пригода доби дела на Арсовски благодарение на Музејот на современата уметност во Загреб.
– Почивај во мир, голем човеку, Хрватска изгуби многу, ние уште повеќе – напиша Трипков.
Михајло Арсовски, како што посочуваа во медиумите оние што го познаваа повеќе, соработуваше најчесто со уметниците или со писателите со кои одржуваше врски со текот на годините. Иако, како што напоменуваат од ХДД, публиката го познаваше првенствено по плакатите за изложби и театар, повеќето по „Театар енд ТД“, по дизајни на книги од повеќе издавачи, Арсовски се смета за исклучително продуктивен автор, кој во својот богат опус го допре речиси секое подрачје на графичкиот дизајн.Oд обликувањето весници (СЛ, „Полет“, „Поп-експрес“,„Телеграм“) и списанија („Разлог“, „Живот уметности“, „Пролог“, „Тека“), каталози, визуелни идентитети, сигнализација, преку амбалажи, сценографии, поставки на изложби, филмски шпици,обвивки од плочи, мебел и внатрешно уредување на просторот, дури и обликување писма.


Тој со графички дизајн професионално започнал да се занимава веднаш по завршувањето на гимназија во Загреб, каде што од Скопје се преселило неговото левичарско семејство. Градот во кој тој ќе студира историја на уметност и архитектура, а од средината на 1960-тите години, ќе се профилира како една од клучните авторски фигури на графичкиот дизајн во поранешна Југославија.
– Во светски рамки, Арсовски им припаѓа на генерацијата и на групата дизајнери, уметници и теоретичари што на средината на 1960-тите години, поврзано со појавата на поп-артот, рок-културата и психоделијата, ќе почнат да ги преиспитуваат доминантните поставки на дизајнот и уметноста на високиот модернизам.

Карактеристични се неговиот еклектичен избор и радикалното и неконвенционално користење на типографијата, а неговите дела се препознатливи според низа карактеристики и постапки, кои ги користи на специфичен начин, по пат на колажирање, монтажа и цитати, односно, со современ речник кажано, со семплирање мотиви. Во неговите дела често се среќаваме со испреплетување на елементите на висока и популарна култура, со преземање слики од различни извори, со историјата на ликовната уметност, комерцијална графика, огласи, реклами, фотографии, стрипови и директни референции на светот на медиумите и популарната култура. Со деконструкцијата на вообичаените форми, клишеа и конвенции на пишување и читање се нагласува отвореноста на различните читања, така што неговото дизајнерско дејствување треба да се чита како „контракултурна“ постапка, како во однос кон идеалот на тоталната просторна синтеза на пластичните уметности, така и на социјалистичкиот естетизам – напомена Хрватското дизајнерско друштво.

Според него, успешноста на работата на Арсовски ја потврдува и податокот дека тој е единствениот дизајнер од подрачјето на поранешна Југославија што има статија во книгата „Тејмс и Хадсон“ – „Енциклопедија за графички дизајн и дизајнери“ (1992), а посветени му се и две страници помеѓу 118 биографии на најважните светски графички дизајнери од периодот на 1960-тите години до денес во еден од најсеопфатните прегледи на светскиот графички дизајн, во книгата „Историја на графичкиот дизајн: од 1960 до денес“ („Ташен“, 2018). Добитник е на повеќе престижни награди, а дел од неговото творештвото се наоѓа и во колекцијата на њујоршката МоМА.
Поради епидемиолошката ситуација, но и желбата на самиот уметник, неговото последно испраќање ќе биде во кругот на семејството.