Музичка Приказна

Музиката има своја корона. На италијански се нарекува fermata, на англиски bird’s eye, на француски point d’orgue, на германски Fermate, на шпански calderón.
Короната е знак со кој се продолжува траењето на некој тон, акорд или пауза. Се пишува под или над нотата, акордот или паузата и не е дефинирано за колку точно го продолжува траењето. Дури нема ни непишано правило за тоа. Најчесто зависи од волјата и инспирацијата на изведувачот или на диригентот. Короната може да стои и над тактовата црта – тогаш означува цезура, односно кратка пауза меѓу тактовите. Ако композиторот ја запишал на последниот, празен такт на ставот од соната, концерт, симфонија или поема и сл., тој замислил подолга, забележлива пауза меѓу двата става.

Короната својот блесок го доживува во времето на класицизмот. Во тој период техничките можности на инструментите се зголемиле, солистите свиреле сѐ подобро и подобро, па композиторите им дале слободен простор за импровизација. Најчесто на крајот на првиот или последниот став од концертите за соло-инструмент и оркестар, следувал делот за таа кратка импровизација базирана на темите од ставот, наречен каденца. Каденцата отпрвин не била испишана во партитурата, туку навистина претставувала можност за солистот по своја замисла да ја отсвири и да се покаже пред публиката. За да се најави влезот на солистот, последниот акорд во оркестарската делница (најчесто тоничен квартсекстакорд во доминантна функција) се продолжувал со корона, по што следувала бравурозна и секогаш различна каденца.

Короната има посебно место во срцето на сите оркестранти, сите ја сакаат. Знаете зошто? Колку и да се добри оркестарот и диригентот, колку и да е добро подготвено делото што се изведува, се случува оркестарот да згреши, да се збрка и да изгледа дека нема начин како повторно да се „состави“. Е, тука короната е незаменлива. Особено ако цел такт е под корона. Тогаш сите со душа го чекаат тој такт за да се сретнат на него и да продолжат да свират заедно. „Ќе се најдеме на короната“ е добро позната крилатица и интерна шала на сите оркестранти.

Лада Шоптрајанова Петровска