Сезоната се отвора со концертот „Ново утро“ и со настапот на славниот француски пијанист Лука Дебарг. Диригент ќе биде маестро Јерухам Шаровски од Израел

Новата сезона на Македонската филхармонија, чиј Камерен оркестар е во Казахстан, каде што ќе одржи два концерта неделава, почнува на 27 септември со концертот „Ново утро“ и со настапот на славниот француски пијанист Лука Дебарг. Диригент ќе биде маестро Јерухам Шаровски од Израел. Дебарг е лауреат на престижниот натпревар „Чајковски“ и еден од најбараните пијанисти на класичната музичка сцена. Тој ќе го изведе Концертот за пијано и оркестар бр. 2 од Сергеј Прокофјев, а ќе биде изведена и Фантастична симфонија од Хектор Берлиоз. Новата сезона на филхармонијата ќе биде под мотото „Високи вибрации“.

Следниот концерт е „Хармонија мунди“ што ќе се одржи на 12 октомври. Под диригентската палка на маестро Емил Табаков ќе биде изведено грандиозното дело „Планети“ од Холст, кое кај нас ќе доживее и специјална визуализација. Илиески ја издвои и изведбата на Бетовеновата Деветта симфонија со маестро Густав Кун од Австрија и фантастични солисти и хор, како еден од грандиозните проекти, настанот „Музика на платно“, кој ќе донесе филмска проекција со музичка изведба во живо од страна на оркестарот. Ќе има концерт посветен на рускиот гениј Дмитриј Шостакович со славниот виолончелист Даниел Милер Шот, кој веќе гостуваше во Скопје.

Со Филхармонијата ќе настапат и рускиот виолинист Вадим Репин, првиот тромбонист на Њујоршката филхармонија Џозеф Алези, кој ќе има и мастер-клас во Македонската филхармонија. Тука е и концертот на атрактивното и виртуозно дуо кларинети Гурфинкел, кои ќе настапат на Новогодишниот гала-концерт. Дуото Гурфинкел ќе настапат и како солисти на турнејата во Кина. Како солист со Филхармонијата ќе настапи и Луси Хорш на барокна флејта од Холандија, а концерт ќе одржи и рускиот пијанист Борис Березовски, кој во иста вечер ќе изведе два концерта за пијано од Шостакович и Прокофјев и ќе одржи и еден камерен концерт. Предвиден е и концертот на уште еден врвен руски пијанист, Андреј Гугнин, со Концерт за пијано од Лист.

Ќе настапат уште тројца извонредни виолинисти – Бенџамин Шмид од Австрија, Сојанг Ју од Кореја и Баиба Скриде од Летонија. Нема да изостанат и традиционалните концерти на Македонската филхармонија, настапот на манифестацијата „Денови на македонска музика“, концертите „Звукот на идната генерација“ и „Младите доаѓаат“ посветени на младите музички уметници, концертот во Градскиот парк „Филхармонија на отворено“, како и концертот по повод Денот на вљубените.

И македонските уметници ќе бидат дел од програмата. На подиумот со Македонската филхармонија ќе застанат и македонски солисти, како Ѓорѓи Цинциевски на контрабас, Нина Костова-Јаневска на пијано, Милан Силјанов како вокален солист, како и нашите диригенти Борјан Цанев и Сашо Татарчевски. Првпат со Филхармонијата ќе диригира Виктор Митревски, кој доаѓа од школата од Виена. Ќе бидат изведени и македонски дела од автори како Сони Петровски, Владимир Николов, Љубомир Бранѓолица…

Македонската филхармонија, покрај гостувањето во Казахстан, ќе оствари уште две значајни турнеи. Турнејата во Шпанија ќе се одржи на 30 октомври и 1 ноември во Сарагоса и во Хуеска. Ќе има големата турнеја низ Кина, кога оркестарот на Македонската филхармонија во неколку града ќе одржи седум концерти, а ќе се случува во декември и јануари. Филхармонијата новата концертна сезона ќе ја почне со кампањата „Без мобилни“, која треба да ја зголеми свеста кај посетителите да не ги користат своите мобилни телефони за време на музичките настани.