Концерт на Македонската филхармонија, со кој ќе се одбележи годишнината од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев, ќе се одржи вечерва. На програмата се дела од Григ, Хендл, Маскањи, Моцарт, Сибелиус, Вагнер, Офенбах и Бизе. Како солистки ќе настапат Илина Митревска и Десислава Тодорова.
Диригент е Христо Христов од Бугарија, кој досега имал четири настапи со оркестарот на Филхармонијата, последен пат, по истиот повод, на 4 мај 2019 година. Христов е диригент чиј музички талент доаѓа до израз уште на 12 години, кога ја добива првата награда по пијано на Националниот музички конкурс во Чирпан. Дипломирал на бугарската национална музичка академија и се дообразовал по оркестарско диригирање кај проф. Карл Остерајхер (Австрија), проф. Курт Зандерлинг (Германија) и проф. Илја Мусин (Русија). Лауреат е на меѓународните конкурси за диригенти: „Јехуди Менухин“ во 1989-та, „Прашка пролет“ во 1990-та, „Игор Стравински“ во 1991 година. Член е на повеќе интернационални жирија, а од 2021 година е претседател на Меѓународната фондација за соработка и културен натпревар што го носи името на неговиот предок Гоце Делчев.