Нашите врвни музички уметници Страшо Темков, флејта, и Марија Вршкова, пијано, по покана на една од најпрестижните музички академии во Европа, универзитетот „Јоханес Гутенберг“ во Мајнц, СР Германија, ќе одржат концерт со дела од нашите македонски композитори Трајко Прокопиев, Томислав Зографски, Гоце Коларовски и Гоце Симоноски. Покрај делата од македонските композитори, на концертот ќе бидат изведени и дела од светската музичка литература.

Неодамна Факултетот за музичка уметност од Скопје и Факултетот за музичка уметност од Мајнц, СР Германија, потпишаа договор за соработка преку програмата „Еразмус“. Концертот ќе се одржи во концертната сала на Факултетот за музичка уметност во Мајнц утре, во 19.30 часот. Овие наши врвни уметници и амбасадори на македонската музичка култура досега имаат реализирано голем број концерти на реномирани музички фестивали во Република Македонија и надвор од неа: Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Бугарија, Англија, САД, Германија и др.