Етногрупата „Синтезис“ вечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе одржи голем концерт со што ќе биде одбележан роденденот на фестивалот „Охридско лето“ – нашата најголема и најреномирана музичко-сценска манифестација.

Станува збор за настан кој според атрактивноста се издвојува од вообичаените програмски содржини, бидејќи роденденскиот датум 4 август секогаш има посебно значење за манифестацијата.

Најавувајќи го концертот кој првично беше закажан во Антички театар, но поради неповолните временски услови е префрлен во Центарот за култура, Сузана Вренцовска, в.д. директор на „Охридско лето“, истакна дека фестивалот секоја година за 4 август нуди содржина наменета за пошироката публика.

– Вечерва таа чест да се надополни низата роденденски концерти и е дадена на култната македонска етногрупа „Синтезис“, за која сме уверени дека ќе понуди несекојдневно доживување, рече Вренцовска, изразувајќи задоволство од досегашната посетеност на настаните на 58-мото фестивалско издание.

Фестивалот „Охридско лето“ официјално почнал со концерт одржан на 4 август во далечната 1961 година, со настапот на оперската певица Ана Липша Тофовиќ.

Од година во година „Охридско лето“ според квалитетот на понудените содржини бележи нагорна линија, а во изминатиот речиси шестдецениски период успеа да се профилира во манифестација со извонредно голема уметничка вредност и во институција која во Македонија има најголема и најзначајна продукција на приредби од областа на сите уметности.

„Охридско лето“ се одржува секоја година од 12 јули до 20 август. Од 1994 година е член на Европската асоцијација на фестивалите.