По распродадените концерти, полните сали, овациите од публиката, но и од критиката на настапите од турнејата низ Австралија и Нов Зеланд во текот на минатиот месец, нашиот пијанист Симон Трпчески ја продолжува соработка со македонскиот композитор што живее и работи во Велика Британија, Панде Шахов. По импресивниот прием на проектот „Македонисимо“ во светот, овој победнички тандем пред американската публика ќе ја претстави светската премиера на Концертот за пијано и оркестар број 2 на Панде Шахов.

Најновото дело инспирирано од македонскиот фолклор ќе биде изведено на отворањето на музичкиот фестивал за современа музика „Кабриљо“ во Санта Круз, Калифорнија. Со фестивалскиот оркестар ќе диригира романскиот маестро Кристијан М’челару, новиот шеф диригент на Симфонискиот оркестар на ВДР од Келн, Германија, но и музички директор на оваа манифестација со безмалку шестдецениска историја.
Трпчески денеска е во Чикаго, каде што со еден од водечките светски ансамбли, каков што е Чикашкиот симфониски оркестар, ќе го изведе Петтиот концерт за пијано и оркестар од Бетовен. Диригент ќе биде Василиј Петренко. Тандемот Трпчески – Петренко „ќе се дружи“ и на сцената во Кливленд, пред кој настап нашиот пијанист ќе концертира и на музичкиот фестивал во монденското место Аспен.

Крајот од месецов е резервиран и за холандската премиера на „Македонисимо“ во престижната концертна сала „Концертгебау“ во Амстердам.