Македонските музичари Стојан Димов (кларинет, саксофон), пијанистите Дино Имери и Маја Поповиќ и саксофонистот Нинослав Димов настапија во Камерната сала на Филхармонијата. На концертот насловен „Фузија“ беа изведени дела од Менделсон, Цанев. Шуман, Дудаш, Паскули, Ковач и др.
Стојан Димов од 2002 година е член на групата на Горан Бреговиќ. Преку годините бележи многубројни рецитали, солистички настапи со најпознатите светски оркестри, соработка со најдобрите диригенти и многу настапи во разни камерни ансамбли. Денес, тој е еден од најактивните македонски музичари со настапи по целиот свет на годишно ниво.

Маја Поповиќ во текот на школувањето активно учествува на мастер-класите кај реномирани пијанисти и педагози, носителка е на повеќе награди, а денес работи како професорка по пијано и камерна музика во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.
Нинослав Димов по дипломирањето во Скопје продолжува со своите студии во Берлин, Германија. Добитник е на повеќе награди на републички и интернационални натпревари, и редовен учесник на престижни семинари по саксофон во Словенија, Хрватска, Франција, Германија… Од 2017 г., по долгогодишно лично ангажирање и како идеен творец, во соработка со ДКЦ „Карпош“ – Скопје, го организира веќе традиционалниот Меѓународен фестивал по кларинет и саксофон, каде што има улога на уметнички директор.

Дино Имери (1990) е еден од најреномираните македонски пијанисти. Настапувал со огромен успех со Стразбуршката филхармонија, Софиската филхармонија, Македонската филхармонија, Симфонискиот и Камерниот оркестар на ФМУ, Македонската опера и балет, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија. Рецитално настапувал на престижни сцени низ цела Европа меѓу кои и „Ватрослав Лисински“ – Загреб, палатата „Естерхази“ и „Лист-Центрум“ во Австрија, „Пијано плаж фестивал“ во Франција…