Здружението „Звук Караџиќ“ вечерва, со почеток во 21 часот, ќе одржи концерт во Планетариумот при Младинскиот културен центар. Ќе учествуваат Костадин Делиниколов, Ѓорѓе Јовановиќ и Владимир Лукаш, а за проекцијата ќе се погрижи Даниел Анастасов.

Станува збор за здружение чии членови се музичко-книжевни импровизатори, кои посочуваат дека истото тоа безгрешно е зачнато една убава септемвриска вечер на Скопското кале.

– Во него можат да учествуваат сите што си ги заборавиле партитурите на пулт, или тетратките со стихови во фиока; сите што мислат дека имаат што да кажат во мигот на случувањето и сите што сакаат да ѝ се препуштат на моменталната фантазија и да одлетаат далеку, далеку и најблиску до себеси – велат од „Звук Караџиќ“.